Телевизиските канали вклучувајќи ја и МРТ во континуитет пренесуваат само пропаганда и искривена слика за реалноста, секоја вест ја спинуваат за да биде во корист на владејачката партија, вели за А1он Емилија Лазаревска, поранешен главен и одговорен уредник на информативната програма во „Телма“, а денес репортер во утринска програма, откако беше неочекувано деградирана.
Лазаревска 18 година работеше во оваа телевизија, пред да биде симната од својата позиција.
Сега, За А1он вели, работи како репортер, но без конкертни задолженија веќе девет месеци. Истовремено е претседател на Советот на честа при ЗНМ.
Според вашите претходни ставови новинарите се подеднакво виновни како и уредниците и политичката елита, кога ги губиме вредностите на новинарството, кој е виновен за состојбата во која се наоѓа МРТ, дали новинарите ја делат одговорноста?
– Ние новинарите имаме огромна општествена и професионална одговорност. Во прв ред се уредниците, пред се тука мислам на главните и на одговорните уредници кои се носители на уредувачката политика во медиумот и кои мора да бидат луѓе со авторитет, со солиден новинарски багаж и искуство, без никакви „неплатени“ сметки или бремиња зад себе.
Генералната уредувачка политика никако не смее да се коси со основите на професионалното новинарство, а тоа се навремено, точно, избалансирано и вистинито информирање. За да го постигнете ова и да не „должите“ никому мора да ја имате потребната професионална дистанца од сите чинители во општеството политичарите, бизнис секторот, па ако сакате и од невладините организации и разни формални или неформални лоби групи. Според мене само на овој начин со чист професионален образ можете да пристапите кон секаков вид информација или настан и без задршка да ја објавите и да известите за нив. Во овој момент јас на македонската медиумска сцена не гледам таков пример, или тој е навистина редок, изолиран. МРТ како Јавен сервис е должна да биде прва на висината на задачата, нема сака или не, мора, според закон!
Законот за медиуми, ако го прочитате внимателно, им дава заштита и на медиумите, без оглед дали се приватни или не, но и на новинарите. За мене е несфатливо како новинарите ги „профилираат“ своите новинарски убедувања, во зависност од тоа дали работат во критички настроен или пак провладин медиум.
Професионалното новинарство нема алтернатива, а примерот на поголем број новинари кои порано важеа во јавноста за „остри“ новинарски пера дури беа во А1, а сега се покорни извршители на наредбите на политичките уредници од партијата на власт, мене ми покажува дека можеби и претходно биле само обични извршители на нарачките на сопственикот или на некои други интересни групи.
Затоа ги повикувам и нив и другите во МТВ, но и во приватните медиуми, а што мислат дека трпат притисоци или не се согласуваат со текстот што го потпишуваат или мораат да го прочитаат, да одбијат и да ја известат јавноста или ЗНМ за тоа.
Доколку се охрабриме и институциите ќе мора да реагираат и да го спроведат Законот за медиуми, кој ни дава основа и за правна заштита.
Има ли основ кривичната пријава што ја поднесе Стојанче Ангелов против Диме Ратајковски?
– Го поздравувам секој начин на борба против непрофесионализмот на МТВ и тука немам дилеми дека Стојанче Ангелов има право на свој начин и со свои методи да ја води таа битка. Сепак, мислам дека ние, новинарите, треба да имаме своја автохтона битка за враќање на професионализмот во нашите редови.
Дали тоа ќе биде организирано во група како што читам дека тоа го направиле некои колеги формирајќи Новинарски пленум, или вака индивидуално засега, како мене, или како други колеги кои преку своите текстови или известување се уште го осветлуваат нашиот професионален образ, се едно е, се дури се бориме за една цел, елиминирање на новинарство по нарачка и враќање на достоинството во нашиот еснаф.
МРТ ги третира имотите на фамилијата Заеви, а не кажа збор за парцелите кои логично му се припишуваат на премиерот Груевски, освен тоа се обидува да ја убеди јавноста дека известува балансирано со тоа што ги пренесува прес конференциите на СДСМ, што треба МРТ да направи во овој случај за јавноста да и поверува?
– Вчера ги гледав вестите на МТВ, но и на Сител и на Канал 5, по подолго време. Јас сум шокирана од непрофесионализмот, од нарачаните прилози, од пропагандата што се спроведува преку нив, од искривената слика што им се претставува на гледачите. Некој треба да одговара за овој геноцид што е направен во новинарството од кое не останала ниту една буква. Ние што работевме во Македонската телевизија, пред 15 –тина години кога заминавме, сега гледам, сме им оставиле високо професионална куќа на идните генерации. Што направиле сега од неа? Дали се свесни?!
Па тие не можат да пренесат ниту една вест без да ја спинуваат со сугестија како гледачот треба да ја сфати! Не ја пренесуваат прес конференцијата на СДСМ, а пренесуваат текст за купен, внимавајте купен имот на братучеди на Заев во Грција, на некојси пропагандистички портал, кој патем е ударна вест на сите провладини медиуми!
Тоа е недозволиво да го прават ниту приватните медиуми, а МТВ не смее ниту да помисли такво нешто, но…
Се чувствувате ли како една од жртвите на овој режим затоа што после 15 год работа бевте деградирани во Телма, откако вашата телевизија им стана трн во око на властите?
– Сите ние сме жртви на овој режим на еден или на друг начин.Кога тогаш,сигурна сум,ќе излезат на виделина вистинските причини зошто сум професионално понижена и деградирана, како никој досега ми се чини што имал такво професионално искуство и реноме. Мојот случај е можеби специфичен затоа што во целата професионална кариера во Телма не сум добила забелешка за моето работење и умеење во новинарството. Напротив!
Вестите на Телма лани пред летото го достигнаа својот професионален зенит, и ново-стариот тим ги наследи како вести во кои гледачите имаат најголема доверба. Ова е признание што му е најважно на секој вистински новинар! Ништо повеќе, ништо помалку! Вестите не трпат импровизации, кампањи, црвени телефони! Независноста ја докажувате преку работата, не преку рекламни кампањи. Што и да направите не можете да ја избришете трагата и да ја смените историјата. Особено ако се тоа трајни вредности, кои, за среќа, има луѓе што се уште ги делат и ги спроведуваат на дело.