„Ги сметаме за несериозни, бидејќи навистина нема ниту една причина зошто би имало девалвација, ниту пак слушнав аргументи зошто девалвацијата би била подобра за македонската економија. Напротив, јас мислам дека девалвацијата би била полоша, бидејќи ќе услови рестриктивна монетарна политика, затоа што девалвацијата ќе изврши голем притисок врз инфлацијата, со тоа и врз девизните резерви, а со тоа Народната банка ќе мора да ја зголеми каматната стапка и да ја затегне монетарната политика и да го намали обемот на кредити во економијата. Значи, би се постигнало токму спротивното од она што заговорниците на девалвацијата сметаат. Девизните резерви во моментов се на историски највисоко ниво, немаме апсолутно никакви притисоци, побарувачката и понудата на девизи е нормална, дури ние повеќе откупуваме девизи отколку што продаваме, штедењето во денари расте, на сметка на штедењето во евра, значи релативното учество се намалува, исто така немаме нерамнотежи во екстерниот сектор, немаме нерамнотежи во банкарскиот сектор. Значи нема апсолутно никаква причина за опасност по курсот на денарот“, вели Димитар Богов во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој додава дека нема да се случи општ раст на цените и скок на инфлацијата.
„Не, тоа не треба да се очекува и нема да се случи. Како што кажав, порастот во август и во септември беше поголем од нашите очекувања, меѓутоа беше резултат на еднократни фактори и целосно е резултат на цената на нафтата и на храната на светските берзи. Цените на храната пораснаа значително последните неколку месеци како резултат на сушата во главните производители на житарки, а и сушата во регионот, која исто така влијаеше врз оние сезонски земјоделски производи“.