Девојки, мајки, сестри и пријателки го извршија првиот упад во МРТ откако се обидоа да влезат во зградата каде е сместен јавниот сервис, но беа спречени од кордон на специјалци.
На влезот од МРТ специјалците застанаа откако демонстратките се обидоа да ги отворат вратите и да влезат во националната куќа. Во холот на МРТ, пак, мирно чекаше баталјон од припадници на безбеднотните сили, а некои од нив снимаа со камери.
Спречени во своите намери да влезат, на влезот од зградата жените скандираа „Уа МРТ“, „Слобода! Слобода!“. На претставници од полицијата им даваа цедиња со снимените разговори од бомбите на СДСМ и ги гушкаа за да им покажат дека не се тука за да бидат насилни.
Обидот да се влезе во МРТ беше поттикнат од генералнот, Стојанче Ангелов, кој после својот говор ги повика припадничките на понежниот пол во публиката на полицајците кои стоеја пред МРТ да им ги дадат цедињата за да ги слушнат разговорите на нивните претпоставени. Голема група на демонстрантки тогаш се втурна кон МРТ, но кога стигнаа до влезот кон нив се втрчаа десетина специјалци кои направија кордон.
На протестот пред МРТ се собраа стотици граѓани незадоволни од информирањето на јавниот сервис. Тие побараа телевизијата која ја плаќаат преку радиодифузната такса да работи независно од политички влијанија и партиски потреби. Граѓаните бараат МРТ да ги емитува разговорите кои ги обелодени опозицијата. Бидејќи уредништвото не ги емитува овие разговори во вестите на МРТ, денеска граѓанитеги слушнаа разговорите пред МРТ.
Од звучниците одекнаа разговорите за рушењето на Космос, за колапсот на економијата во Македонија, за изборните манипулации, за смртта на Мартин Нешковски како, за закни, уцени и за играње со човечките животи од страна на владини функционери.
Маја Васева