Пакистанските власти ја одложија егзекуцијата на момче, кое на 14-годишна возраст било осудено на смрт, пренесе ДПА.
Шефкат Хусеин утринава требаше да биде обесен во затворот во јужниот град Карачи, откако во 2004 година беше осуден на смрт за грабнување и убиството на дете.
Непосредно пред полноќ, меѓутоа, претседателот Мамнун Хусеин издаде наредба за одложување на егзекуцијата.
Локални и меѓународни организации за заштита на правата на човекот, меѓу кои и организацијата „Амнести интернешенел“, ги повикаа пакистанските власти да ја повлечат смртната казна, бидејќи согласно националното законодавство таквата казна не може да се изрече врз малолетник.
Министерот за внатрешни работи Чаудри Нисар Али Хан во вторникот изјави дека, според регистрите на затворот во кој Хусеин бил чуван, тој во 2004 година имал 23 години . Али Хан вети дека ќе биде направен ДНК тест за со сигурност да се утврди возраста на момчето, откако неговото семејство покажа извод на родени според кој тој тогаш имал 14 години.
Доколку се докаже дека Хусеин бил малолетен во моментот на изрекувањето на смртната казна, таа ќе биде заменета со доживотен затвор.
Пакистанската Влада го укина мораториумот на егзекуциите откако во декември беа убиени 136 ученици во нападот на талибанците врз воено училиште, што беше најсмртоносниот напад во историјата на земјата. Оттогаш во Пакистан се извршени 48 смртни казни, а само 21 во последните два дена.