Сите фармери чија стока минатата година заболе од „син јазик“ ќе бидат обесштетени, најави денеска во Велес директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Поповски.
Агенцијата ќе излезе и со препораки како да се постапува доколку повторно се појави оваа болест, додаде Поповски на прес-конференција.
Во рамки на Отворениот ден, директорот информираше и за вакцинирањето против „свинска чума“. Се сретна и разговараше со сточарите, операторите со храна, претстваниците на рестораните, градинките, училиштата и болницата. Притоа, како што нагласи, најголем беше интересот за безбедноста на храната и означувањето кое од јуни годинава треба да биде согласно најновите европски барања.
– Дадовме препораки како да постапува при дистрибуцијата на храната особено во градинките за безбедноста да биде на највисоко ниво. Голем број прашања се однесуваа и на означувањето на храната како актуелна тема во моментов, рече Поповски.
Одговорајќи на новинарско прашање во врска со болеста туларимија за која има индикации дека е присутна во Општина Лозово, Поповски напомена дека храната континуирано се контролира.
– Треба да се води посебна контрола кај домаќинствата каде има можност за појава на глодарите, треба да се изврши и темелно чистење на целиот прибор за исхрана за да не дојде до пренесување на болеста, потенцира директорот на АХВ Поповски.