За година дена колку што помина од смртта на Стив Џобс, ко-основачот на “Епл”, компанијата дискретно се промени. Отфрли некои од не толку пријатните карактеристики кои асоцираа на Џобс и презеде одредени карактеристики од личноста на новиот лидер Тим Кук, оценува Си-Ен Ен.
Вечна споредба: Тим Кук и Стив Џобс
И покрај тоа што беше гениј во дизајнот на производи, Џобс не се грижеше многу за партнерите или инвеститорите на “Епл”. Денес компанијата, благодарение на напорите на Кук, е поотворена кон потрошувачите, инвеститорите и политичарите. Новиот извршен директор во мај се сретна со конгресните лидери во Вашингтон за да им каже дека “Епл” е подготвена да ги засили врските со Капитол Хил и покажал поголема заинтересираност за политиката во иднина. Набргу потоа, им беше домаќин во Купертин на полн автобус на инвеститори од Вол Стрит, а потоа, за прв пат во 17 години, им исплати дивиденди од компанијата во готово.
Штом изби скандалот во врска со условите за работа во “Фокскон”, партнерска фирма во Кина, Кук лично ја посети фабриката и му дозволи на синдикатот да спроведе истрага во сите фабрики во Кина, ветувајќи дека ќе ги зголеми платите и ќе создаде подобра работна средина.