Претседателот Ѓорге Иванов во четвртокот во Сараево е одликуван со орден за посебни заслуги во процесот на помирување на народите во регионот, за економска соработка меѓу Македонија и БиХ и за значајната поддршка на Сараево на патот за влез во ЕУ, признание од Европското движење на БиХ.
Во своето обраќање на свеченоста претседателот Иванов рече дека наградата ја смета како награда за Република Македонија.
„На нашиот рeгион му треба Европа, но и на Европа и треба Балканот бидејќи ЕУ без Балканот се уште не е Европа. На Балканот му е потребна европската идеја затоа што, како што вели Жан Моне – Ја градиме Европа, го градиме мирот. Токму тој мир му треба на нашиот регион, бидејќи токму тој мир носи просперитет, носи и развој”, рече Иванов.
„Преку дијалогот да го градиме мирот, затоа што мирот нема цена. За нас на Балканот, Европа значи пред се мир и нешто што ни доаѓа од иднината. Посакувам на сите граѓани на БиХ европска иднина”, изјави претседателот Иванов.
Во рамки на дводневната посета на БиХ, претседателот Иванов во петок Бања Лука ќе се сретне со претставници на Здружението на иселениците од Македонија.
Тој ќе има средба со претседателот на Република Српска Милорад Додик и со претседателот на Народното собрание на РС Игор Радојичиќ.