Повторно „протече“ видео од ПИ мерките снимано во кабинетот на премиерот Никола Груевски кое има единствена цел-да покаже дека партијата ВМРО-ДПМНЕ ќе победела, па дури и изборите да биле без нерегуларности.
Овие снимки кои „протекуваат“ од време на време и за кои премиерот призна дека се направени со ПИ мерки, а за кои е задолжено Обвинителството, само ја потврдуваат тезата на опозицијата дека институциите се целосно под партиска капа и уште појасни ги прават снимките за ендеците, тргањето за уши и фаќањето за врат.
Во објавеното видео и нема нешто ново-Зоран Заев и по изборите јавно во емисијата Вин Вин кажа дека опозицијата ќе изгубела со околу 30.000 гласови.
– 400 илјади на 430 илјади за партијата на Груевски. Тоа е вистинскиот резултат. Не победа, зашто имаме свои слабости. Практично седум месеци ја водам партијата, правно формално единаесет, имав летен период пред мене, и знам што значи организациска поставеност на партијата. Ние до крај не го сработивме тој дел, и не бевме подготвени и затоа Грувески отиде на предвремени избори, рече Заев во емисијата Вин Вин на 24 Вести, по изборите во 2014-та година.
Оваа „протечена“ снимка доаѓа по објавените материјали од страна на СДСМ за бројни нерегуларности и злоупотреби на државниот апарат за штелување на изборите, без што, според опозицијата, во 2011-та година од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгубеле изборите, а во 2014-та немаше да имаат убедлива победа. Со тоа соодност во парламентот ќе беше сосема поинаков, а легитимноста на власта немаше како сега да се доведува во прашање. Заев недомна кажа дека при посетата на кабинетот на Груевски знаел дека ќе биде сниман.
Доколку власта не ги штелува изборите со притисоци преку државните институции и ја има поддршката на гласачите која низ бројки ја прикажува како реална, нејасно е зошто не прифаќа следните избори да ги спроведе техничка влада?