Министерот Зоран Ставрески вчера одржа прес-конференција и самиот кажа дека автентичноста на разговорите ќе се докажува во една судска постапка така што не би имал што да додадам надвор од тоа, изјави денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира вчера објавените разговори меѓу вицепремиерот и министерката Гордана Јанкулоска.
– Ние сме долги години соработници и одлично се познаваме. Многу работи сме ги разрешиле заедно, низ многу дијалог и дебати и сме доаѓале до најдобро решение, преку многу разговор. Tака што, немаме таков проблем, како што мислите дека имаме, за да се погледнеме и да соработуваме, истакна Груевски.
Заеднички, додаде Груевски, направивме многу дела и проекти и правиме и градиме патишта, автопати, реконструкции и градба на нови болници, театри, отворање нови фабрики.
– Овозможивме да се случат многу нешта како зголемување на пензиите, платите, социјалната помош… Tака што и тоа како сме направиле добри дела за да можеме да бидеме горди, истакна Груевски.