И странските амбасадори во Македонија биле мета на прислушување. Ова, во интервју за Радио Слободна Европа, го изнесе амбасадорот на Италија, Ернесто Масимо Белели, а инфорамцијата ја добил од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Белели вели дека разговарал со неговите колеги од дипломатскиот кор од ЕУ за таквата можност и тие се загрижени поради тоа, иако засега немаат докази за такво нешто.
„Ова нè загрижува, бидејќи Виенската конвенција вели дека дипломатите не смее да бидатприслушувани и тоа значи дека и по налог на судиите, дипломатите не може да се прислушуваат“, вели амбасадорот..
Станува збор за неколку акредитирани амбасадори во земјава и дел од неколку дипломати кои си заминале од Македонија.
„Па, ние разговаравме со колегите од ЕУ за таква можност, се разбира дека ние немаме никакви докази, бидејќи не сме добиле такво нешто, но кога се сретнавме неодамна со лидерот на главната опозициска партија и тој ми рече дека се прислушувани неколку амбасадори кои се акредитирани тука, и неколкумина од тие коишто ја напуштија земјата. Така што, ова нè загрижува, бидејќи Виенската конвенција вели дека дипломатите не смее да бидат прислушувани и тоа значи дека и по налог на судиите, дипломатите не може да се прислушуваат. Телефонските разговори се наш алат за работа и да испраќаме пораки во нашите земји, така што ни судиите не може да наложат такво нешто – вели Белели во интервјуто кое во целост ќе биде емитувано во целост во недела.
Според меѓународното право, на претставниците на странските држави им се гарантира имунитет и им се гарантира дека можат слободно да ја претставуваат својата држава, а доколку се покаже дека нивните разговори се прислушуваат, тогаш тоа може да доведе и до дипломатски спор, вели универзитетскиот професор по меѓународно право Беким Кадриу.