Претседателот Ѓорге Иванов во четврток и петок ќе престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина, соопштија од Вила Водно.
Претседателот Иванов во Сараево ќе оствари средба со Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, со членовите на колегиумот на двата Дома на Парламентот и со Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина.
Воедно, претседателот Иванов ќе ја посети базата ЕУФОР во Бутмир, каде ќе положи венец на спомен обележјето на загинатите припадници на АРМ и ќе оствари средба со медицинскиот тим „Алтеа” од Република Македонија.
Европското движење на Босна и Херцеговина на македонскиот претседател ќе му додели Орден за придонесот во регионалното европско партнерство, развојот на пријателствата, процесот на помирување и подобро разбирање меѓу народите во овој дел од Европа.
Претседателот Иванов во Бања Лука ќе оствари средба со претседателот на Република Српска, Милорад Додик, со Претседателот на Народното собрание на Република Српска и со Здружението на иселеници од Република Македонија во Бања Лука.