Преговорите за помирување меѓу двете ривалски влади на Либија, што требаше да се одржат во Мароко под покровителство на ОН, пропаднаа уште пред да почнат.
Либискиот Парламент признат од меѓународната заедница, соопшти дека го откажал своето учество во планираните разговори, откако ја обвини ривалската либиска влада дека не го осудила нападот на џихадистите од ИД во петокот во местото Ал Кубах, при што беа убиени најмалку 40 лица.
Овој Парламент се наоѓа во пристаништето Тобрук на крајниот исток од Либија, близу до египетската граница. Неговиот ривалски, Генерален национален конгрес, што е под контрола на исламистите, се наоѓа во Триполи на западот од земјата, одалечен од Тобрук околу илјада километри.
Обединетите нации ги повикаа двете ривалски страни на разговор за помирување и за стабилизација на Либија. Разговорите требаше да почнат утре во Мароко.
Претставник на Парламентот во Тобрук изјави дека одлуката за откажување од разговорите ја потврдиле и пратениците на тајно гласање.
Еден неименуван пратеник им објаснил на медиумите дека ваквата одлука била донесена затоа што парламентарците во Тобрук стравуваат оти меѓународната заедница ќе изврши притисок во идната единствена либиска влада да влезат и исламистите.
Либија се наоѓа во состојба на целосен хаос со две влади и два парламента и бројни исламски и други милиции кои ја контролираат ситуацијата во секој поголем град. Земјата нема централна власт и ниту една од владите нема контрола врз ситуацијата во Либија и нејзините граници.
Ваквата ситуација трае веќе четири години, веднаш по насилното соборување на претходната власт на Моамер Гадафи од разните бунтивнички фракции, помогнати од САД и од Западот во Европа.
Бунтовниците меѓутоа веднаш се судрија меѓусебе откако исламистите инсистираат Либија да се уреди како исламска држава. Хаосот во земјата овозможи таа сега да се претвори во рајско место за џихадистите на ИД и на разни други исламистички милитантни групи.
Египет и Владата во Тобрук побараа да се укине ембаргито за оружје за Либија, но меѓународната заедница оцени дека тоа нема да се слули додека не се постигне политичко единство во земјата.