Знам дека Вистината за Македонија, и од овие материјали што досега ги објавивме, e запрепастувачка, тешка, болна, несфатлива за еден нормален човек.
Денеска почитувани граѓани и новинари, ќе објавиме дополнителни докази и аргументи за суровата и свирепа вистина, за механизмите на тоталната контрола што ја имаат воспоставено Никола Груевски, братучедот Сашо Мијалков и уште неколкумина нивни соработници. Како овие луѓе успеваат да диктираат и креираат лажна реалност, на тој начин одржувајки се на власт, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Денеска обелоденуваме дека сето ова се прави, директно од еден центар, Управата за безбедност и контаразузнавање во чиишто машини за обработка, следење и прислушување, се ставени над 100 новинари во Република Македонија.
Според материјалите што се доставени до нас, следени и прислушувани се сите, и новинари од провладини медиуми и професионални новинари кои критички ги опсервираат состојбите во Македонија.
Во СДСМ им беа предадени на 20 тина новинари материјалите кои се обработени, а следуваат материјали за уште над 80 новинари кои според Заев биле следени и снимани во последните 4 години. Според него, ова не може да биде законски изведено со оглед дека ниту со ПИ мерки не е дозволено снимање во толку долг период.
Најдолг период бил сниман основачот на Фокус, Никола Младенов, а материјалите СДСМ им ги предале на неговото семејство кое треба да одлучи како ќе постапи со нив.