Ученици од средните училишта од Куманово и денеска го изразија своето незадоволство поради одлуката да се полага математика на државната матура.
Тие исто како и вчера протестираа низ улиците во градот и пред подрачното одделението на Мистерството за образование и наука. Матурантите велат дека исто како и претходните години и оваа тие треба да избираат помеѓу англиски јазик и математика.
-Нашата цел е предметот да се отстрани како задолжителен во државната матура, бидејќи сметаме дека не е праведно да полагаме. Додека не се слушне нашиот глас нема да престанеме, сакаме да бидеме слушнати. Доколку дојде до тој степен можеби ќе одиме и во Скопје, бидејќи тука во Куманово гласот не ни се слуша, се преправаат дека ништо не се случува – рече Стефан Петровски, ученик во гимназијата “Гоце Делчев“.
Инаку дел од кумановските средношколци од вчера не посетуваат настава, бидејќи сметаат дека тоа е најдобро решение за да го привлечат вниманието на надлежните. На протестот освен ученици од гимназијата „Гоце Делчев“ учествуваа и средношколци од економското училиште „Перо Наков“, техничкото „Наце Буѓони“, како и албанската гимназија „Сами Фрашери“.
Е. Г.