Во центарот на Прилеп во тек е карневалското дефиле со групните и поединечни маски, во рамки на 14. Меѓународен карневал „Прочка 2015“.
Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески годинава карневалот е најголем и најмасовен.
– Атмосферата е карневалска, цел град е карневал. Дождот не ги спречи учесниците и годинава се во наголем број. На карневалското дефиле кое го предводат мажоретките и заштитната маска на Прилеп – мечкарите, има околу 2 500 маскирани, во групни и поединечни маски. Карневалската забава ќе биде преку цел ден и ќе продолжи до раните утрински часови во прилепските кафулиња каде за прв пат годинава ќе се избираат најдобри маски, изјави Ристески.
Претседателот на здружението „Прилепски мечкари“ Ванчо Георгиев, кое заедно со локалната самоуправа е организатор на карневалот, вели дека годинава има најмногу гости од странство и од целата земја.
– Имаме гости од Украина, Србија, Италија, Турција, Хрватска, Албанија и од повеќе градови од Македонија. Прилеп денеска цел град е карневал. Атмосферата ќе се пресели во прилепските кафулиња. Ќе имаме заедничка забава. Ова е најголем досега одржан карневал во Прилеп, вели Ѓеорѓиев.
На карневалот присуствуива делегација до Асоцијацијата на Европските карневалски градови на чело со претседателот Хенрик Ван Дер Крон.
– Многу сум среќен што сум повторно на прилепскиот карневал. Атмосферата е прекрасна, се чувствувам како дома. Има многу гости и квалитетни маски, изјави Ван Дер Крон.
Учениците од прилепското ОУ „ Блаже Конески“ велат дека ја направија маската „Милениумски Прилеп“ со листови тутун, сарми и со Крали Марко.
По карневалското дефиле во центарот на Прилеп стручно жири ќе ги избере најдобрите и најуспешни групни и поединечни маски на годинашниов карневал „Прочка 2015“. Вечер е отворената карневалска забава во прилепските кафулиња, а здружението „Прилепски мечкари“ и еснафот касапи за гостите ќе приредат традиционален посен ручек со грав.
Фото: МИА