Граѓанската иницијатива АЈДЕ! пред Министерството за здравство побара одговорност за сите виновници за смртта на Тамара Димовска и ги повика сите граѓани да не дозволат ваквите жртви на популистичкиот режим да бидат заборавени.
Тие организираа перформанс пред Министерството за здравство, каде на звучници пуштаа отчукувања на срце, кое престанува да чука за само две минути. На тој начин, симболично ја отсликаа состојбата на малата Тамара која почина чекајќи на ветената помош од министерот.
„9-годишната Тамара Димовска е последна во низата на жртви, на несовесно и неодговорно работење на Минстерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Министерот за здравство, Никола Тодоров јавно вети дека Фондот за здравствено осигурување ќе го плати лекувањето на Тамара во странство, но тој излажа и затоа треба да понесе одговорност“, порачаа од АЈДЕ!.
АЈДЕ! не бара одговорност само од Тодоров, туку и од директорите на Фондот за здравство, Маја Парнарџиева – Змејкова и Џемали Мехази, заменик-претседателот на првостепената комисија, Владимир Поповски и претседавачот на второстепената, комисија Аспазија Софијанова.