Шпиони со визит-карти

Од:

Политика – Белград
Американската разузнавачка служба НСА прислушува 200 милиони телефонски разговори во минута ширум светот

Летото во 1984 година патував во Букурешт за интервју со началникот на Генералштабот на вооружените сили на Романија, генералот на армијата Василеа Миле. Патував со воз од белградската станица Дунав, кушетите беа романски, кондуктерот беше со искината кошула, неиспеглани панталони, без вратоврска, не избричен. Не ме ни праша за карта. Откако влеговме во Романија, тој се појави на вратата на купето, избричен, со уредна кошула, вратоврска, испеглани панталони: – Другар Лазански, другарите во Букурешт ве чекаат.

Во Букурешт се сместив во воен хотел, така одлучи домаќинот. Тоа утро, пред да одам на појадок, во соба гласно се пожалив на неиспегланото одело и чешмата која не може да се затвори до крај. Кога се вратив од појадокот, оделото беше испеглано, а чешмата поправена. Мојот втор престој во Букурешт беше во август во 1989 година, кога го интервјуирав претседателот Николај Чаушеску во неговата летна резиденција во Снагово. По интервјуто, мојот домаќин, романски воен аташе во Белград, кој за таа прилика допатува во Букурешт, ме однесе во ресторанот на хотелот Атена палас. По кусо време ја напуштив вечерата за да телефонирам во редакцијата дека утре ќе го испратам интервјуто. Кога се вратив полковникот со насмевка ме праша што велат во редакцијата. Хотел Атена палас беше главна електронска централа за телефонско прислушкување на романската служба Секуритате, кој беше запален и урнат во настаните во декември 1989 година. Ја зачував телефонската сметка, тоа е убав спомен. Така тоа го правеа Романците во 80-тите години на социјализмот во нивната земја. А ние?

Целиот простор на поранешна Југославија е во латентна состојба на параноја од домашно прислушување, афери се нижат една по друга, летаат обвиненија и контра-обвиненија, кој се бил на удар на прислушувањето, а кој ги наредил тие мерки. Дали тоа било во согласност со законот или не, дали се влегувало во приватниот живот или се контролирал само службениот аспект на некои личности? Фасцинацијата од тајните служби е присутна на овие простори уште од времето на Бранислав Нушиќ. Аписовата Црна рака е во рамки на службата која наводно работи за главите на речиси сите главари на овие простори. Затоа секој кој ќе дојде на власт сака што побрзо да воспостави своја контрола на тајните служби, бидејќи информациите често се многу убиствено оружје.

Шпионажата е стара колку што е стара и човечката цивилизација, со време само се менувале технологиите и методите. Да се биде шпион со визит карта или без неа, е само назнака на времето и цивилизациската разлика од една до друга држава. На Запад, од соговорник од разузнавачките и контра разузнавачките структури добивате визит карта со негова функција и броеви на телефони. Кај нас тоа неодамна стана пракса.

Се возбудуваме и на самата помисла дека некој во Србија не прислушува, а на фактот дека не прислушуваат странци остануваме неми и немоќни. Секоја странска амбасада во Белград, има или може да поседува можност за прислушување на телефонскиот сообраќај во Србија. Мобилните телефони се прислушуваат многу лесно, фиксната телефонија исто така не е проблем за следење. Германија во Хрватска пред распадот на СФРЈ испорача уред за автоматско прислушквање на 50.000 телефони во минута.

Денес секоја поголема западна компанија има мобилни телефони за прислушување на конкуренцијата и за индустриска шпионажа, тоа го имаат и поголемите политички партии. Сепак, две третини од разузнавачките информации денес се добиваат од јавни извори, по пат на медиумите. Добрите аналитички служби се темел на секоја сериозна разузнавачка служба, бидејќи никој кој претендира сериозно да се занимава со политика или со бизнис, не зборува по телефон за чувствителни теми. Поважните дипломатски и политички комуникации одат преку посебно заштитени линии и се скремблуваат така што подолгите пораки се скусуваат во микронски дел од секундата, но ни тоа денес сосема не е сигурно.

Случајот кога Советите во Берлин ископаа тунел, се приклучија на телефонските линии и со години ги слушаа Американците и нивните сојузници, беше предупредување за Западот, дека дојдено е време за нови технологии.

Тајното приклучување на подводни телефонски кабли и на Советите и на Американците е метод од арсеналот на студената војна. Американците со години не сакаа да се вселат во новата зграда на амбасадата во Москва, бидејќи утврдиле дека Русите во речиси секоја цигла, имено градежниот материјал бил домашен, вградиле уреди за прислушување. Нешто порано Русите на американскиот амбасадор во Москва му подариле американски орел, грб кој стоел некое време во кабинетот на амбасадорот, се додека американските служби од советски азилант не дознале дека во очите на орелот се инсталирани мали камери и уреди за прислушување.

Американската разузнавачка служба НСА прислушува 200 милиони телефонски разговори во минута ширум светот. Од двете бази во Велика Британија и од една британска база на Кипар се слуша цела телефонија во Европа. Изговорете ги само волшебните зборови како Ал Каеда, претседателот Обама, претседателот Путин, Украина, Ангела Меркел, бомба, експлозив и уредите за снимање на вашиот разговор автоматски се вклучуваат. Покрај НСА и други 18 американски разузнавачко-безбедносни служби имаат таков капацитет за таа работа и ја прават истата работа, но на други начини. Во ерата на Големиот брат електрониката го следи секој наш чекор. Секако, тоа не значи дека се е на повелете, дека нема тајни кои можат да се сокријат. Дека тоа е така ни зборуваат и вестите дека повремено има по некој протеран руски, американски или британски дипломат поради активности кои се неспоиви со неговиот статус. Еуфемизам за шпионажата…

Би можело да ве интересира

Комесарката на ОН за човекови права загрижена заради користењето на шпионскиот софтвер „Пегасус“

Ана Ололовска

„Пегаз“ – најновата закана за демократијата во светот

Ана Ололовска

Израел ќе преземе мерки доколку НСО групата е одговорна за следење на новинари

Ана Ололовска

Фон дер Лајен: Апсолутно е неприфатлива употребата на софтвер за шпионирање новинари

Ана Ололовска

Проект Пегаз: Новинари, политичари, бизнисмени, активисти на листата за следење преку шпионски софтвер

Институциите пет дена немаат реакција за турските дипломати кои шпионирале Македонци и Турци во земјава

Маја Илиевска-Пачемска