Институциите пет дена немаат реакција за турските дипломати кои шпионирале Македонци и Турци во земјава

Од:

Пет дена нема никаква реакција од домашните институции по објавата дека турски дипломати шпионирале Македонци и Турци во Македонија. Скандинавската истражувачка мрежа „Нордик монитор“ во саботата објави документи на турската влада кои покажуваат дека турски дипломати во Македонија шпионирале македонски и турски граѓани, а врз основа на извештаите кои од кај нас бие испраќани во Турција до 2018 година, била поведена одделна истрага против 78 лица осомничени за „членство во терористичка група“ без конкретни докази дека направиле нешто погрешно.

„А1он“ побара објаснување и став од директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски. Тој не одговори на пораките, а кога го побараме на телефон само кусо објасни дека е на ручек со странски гости и ако најде време ќе одговори на прашањата за турските шпиони во Македонија, но одговор до објава на текстот не испрати.

Нема реакција ниту од Министерството за надворешни работи. Од таму вчера побараа да им го испратиме и линкот од објавата на „Нордик монитор“, но одговори не дадоа ниту по испратениот линк.

„Во моментов немаме ништо конкретно. Кога ќе имаме ќе бидете известени“, ни рече денес Бекри Ајдини, портпарол на Министерството за надворешни работи.

За шпионирањето молчи и Турската амбасада во Скопје.

Извештаите од шпионирањето во Македонија е можно да биле испраќани во Турција од поранешната амбасадорка Тулин Еркал Кара, сметаат истражувачите. – Поранешната амбасадорка со претседателот Стево Пендаровски

Во објавата „Нордик монитор“ посочува дека извештаите од шпионирањето во Македонија е можно да биле испраќани во Турција од претходната амбасадорка.

„Овие досиеја можеби ги доставила до Министерството за надворешни работи Тулин Еркал Кара, тогашна турска амбасадорка во Скопје помеѓу 2016-2019 година. Кара беше избрана за заменик од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) во 2013 година и служеше во турскиот парламент помеѓу 2011-2015 година. Една година подоцна, таа беше назначена од претседателот Ердоган за негов пратеник во Северна Македонија, во 2016 година“, стои во објавата на „Нордик“.

Истражувачката мрежа посочува дека документите, вметнати во кривична постапка, укажуваат дека биле собирани информации за турски и македонски државјани за кои се верува дека се поврзани со движењето Ѓулен/ Хизмет, а се работи за просветни работници, претставници на локални здруженија, бизнисмени и членови на нивните семејства кои живеат во Македонија.

„Нордик“ пишува дека критичарите на владата на Реџеп Таип Ердоган во странство, особено членовите на движењето, се соочуваат со следење, малтретирање, смртни закани и киднапирања.

Судските документи уште еднаш потврдија дека шпионските активности на турските дипломатски мисии резултираат со сериозни последици во турскиот судски систем, стои во објавата на „Нордик монитор“.

Истражувачите од „Нордик“ посочуваат дека дипломатите кои шпионирале ги прекршиле одредбите од Виенската конвенција за дипломатски односи.

За прекршување на Виенската конвенција, во 2018 година македонското Министерство за надворешни работи протера еден руски дипломат заради случајот Скрипал.

„Министерството за надворешни работи објавува дека во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година”, соопшти МНР во 2018 година, а Обединетто Кралство овој чекор на Македонија го поздрави како моќен доказ на солидарноста.

Би можело да ве интересира

Македонската амбасадорка итно повикана во бугарското МНР: „Лажни се изјавите на македонските политичари“

Орце Костов

МНР го осуди нападот врз цивилите во Газа: Ова е кршење на меѓународното право

Орце Костов

МНР: Ниту едно ДКП нема инструкции да доставува ноти до земјите на акредитација

Горан Наумовски

МНР: Има доволно патни листови во дипломатско-конзуларните претставништва, издавањето е без надомест

Горан Наумовски

30 евра чини патниот лист за граѓаните со неважечки пасош кои треба да се вратат во Македонија

Орце Костов

Османи: Има паника кај граѓани во дијаспората дека после 12 февруари ќе ги загубат работните места и дозволите за престој

Орце Костов