Една третина од Чесите сметаат дека е нормално, партнерите кои живеат заедно да имаат одделни, тајни финансиски сметки, а една петина од чешките граѓани признава дека веќе има тајна сметка.
Тоа го покажува меѓународната анкета на агенцијата Ипсос, направена минатата есен во 13 земји на Европа, врз 12.743 учесници, јави дописникот на МИА од Прага.
Тројца од десетмина Европејци кои живеат во брачна заедница или партнерство, сметаат дека е во ред меѓу себе партнерите да имаат тајни финансиски сметки и Чесите спаѓаат во европскиот просек.
Во тој поглед, најотворени се Холанѓаните, од кои секој осми брачен другар за нормално го смета криењето на парите од другиот.
Французите се најголеми „кријачи” на тајни сметки, дури две петтини од нив ги кријат од партнерот своите финансии, додека во Австрија тоа го прави една четвртина од населението.
– За да се поседува тајна банкарска сметка може да постои добра причина, како што е на пример, свршенички прстен или егзотично патување, како изненадување за партнерот. На друга страна, тоа може да биде и сигнал дека постои недоразбирање меѓу партнерите во врска со финансиите, што во повеќето европски култури е сметано за негативно, оцени Либор Ваничек од ИНГ Банката.
Тој додаде дека се смета дека со тајните финансиски заштеди партнерите го јакнат своето чувство за независност, што посебно е важно за младата генерација Европејци.
Според истражувањето, чувањето во тајност на сметките опаѓа кај лицата над 55 години.
Слична појава е забележана и со „тајното купување“ на разни предмети.
Една петина од европските граѓани, некогаш купиле предмет кој не го споменале пред партнерот.
Во Чешка, „таен шопинг“ направиле една четвртина од граѓаните кои живеат во врска.
Потаинствени се само Турците и Романците, каде секој трети човек пред својот партнер скрил дел од работите кои некогаш ги купил.