Најпознатиот истражувачки новинар загина под сомнителни околности. Томислав Кежаровски, новинар кој ја истражуваше таа случка осуден е на две години затвор. Масовни протести, строго контролирани медиуми, опозицијата обвинета за државен удар, а 30 проценти од граѓаните невработени.
Што се случува во Македонија, прашува хрватската телевизија НОВА, во емисијата „Проверено“.
Според резултатите на најновото истражување на „Репортери без граници“ на скалата на слобода, Македонија го зазема 117 место, што во однос на минатата година е позититвен исчекор за шест места. Набљудувајќи ги резултатите низ призмата на сегашната состојба на македонското општество, да се зборува за позитивен исчекор во најмала рака се чини дека е иронично.
Доволно е да се разговара со Томислав Кежаровски, новинарот кој во 2013 година беше осуден на четири и пол години затвор, а потоа казната намалена на две години, поради текст кој е напишан 5 години порано. Обвинителството тррдеше дека со својата работа новинарот го открил идентитетот на заштитениот сведок во случај со едно убиство.
-Во моментот кога излегоа текстовите, тој човек воопшто немаше статус на заштитен сведок, таков статус добива две години откако напишав за случајот, рече Кежаровски за екипата на “Проверено“која го посети во неговата семејна куќа во Скопје.
Неговиот тогашен уредник, Зоран Димитровски раскажува дека по апсењето на Кежаровски одлучиле да спроведат сопствена истрага.
-Кога после се направивме мала новинарска истрага видовме дека тоа не е баш така како се тврди во обвинението, објаснува Димитровски. Во периодот пред апсењето, Кежаровски се занимаваше со истрага за сообраќајната несреќа во која два месеци претходно погина Никола Младенов.
-Кежаровски имаше напишано неколку текстови за несреќата на нашиот колега Никола Младенов кој беше сопственик на Фокус, весникот каде сега работиме. Тој напиша неколку текстови околу тоа, и доби некои информации дека нешто има сомнително во целата сообраќајна несреќа. Потоа на терен пронајде и некои доказни материјали за што се работи во таа сообраќајна несреќа, појаснува Димитровски.
Третирајќи ја како последица на сообраќајна несреќа, истрагата за смртта на познатиот новинар полицијата брзо ја затвори. Никола Младенов многу колеги го ценеа како еден од најдобрите меѓу нив, и не се помируваа со “матните“ околности за неговото загинување. Меѓу тие што продолжија да “копаат“ беше и Кежаровски на кого во куќата му упаднаа повеќе од 30 специјалци.
Кај истражниот судија, вели Кежаровски, се задржал само неколку минути.
-Го интересираа две прашања, всушност неповрзани со случајот за кој сум проведен-од каде ми се документите и кои ми се изворите, вели Кежаровски за “Проверено“ и додадава дека одбил да го открие изворот. Неговиот молк му донесе шестмесечен притвор во затворската установа, а потоа уште една година и два месеци во домашен притвор.
На самиот влез во Скопје станува јасно дека овде нешто необично се случува. Градот е преплавен со споменици на историски личности кои без престан се појавуваат. Освен споменици, растат и згради од некој посебен архитектонски стил, повеќето изградени од гипсени плочи. Се работи за проект на премиерот Никола Груевски кој според информациите на опозицијата до сега чини 584 милиони евра. Кога ќе се сетите дека во Македонија невработеноста е 30%, ве обзема тивка морничавост, се вели во прилогот на “Проверено“.
-Премиерот не криеше дека една од неговите намери беше да ги замолчи интелектуалците и Универзитетот му останува едно од жариштата откако ги совлада медиумите, опозицијата и судството, оценува Никола Калајџиев, претседател на македонскиот Хелсиншки комитет.
За време на престојот на екипата на „Проверено“ во Македонија, опозициониот лидер Зоран Заев објави информација како поседува докази за коруптивните зделки на премиерот Никола Груевски. Премиерот пак го обвини Заев за шпионажа.
Екипата на „Проверено“ се обиде да добие изјава од премиерот Груевски, како и од македонскиот министер за правда, Аднан Јашари. Но, бевме пренасочени на судот, со образложение дека случајот Кежаровски не е во надлежност на Министерството за правда.
Кежаровски е симболот. Затворени со монтирани судски процеси има и од други професии. Последните апсења се случија неодамна, веднаш по објавата на опозиционерот Заев за доказите против премиерот.
На прашањето дали има докази за загинувањето на новинарот Младенов, Заев даде изјава за „Проверено“.
Имам разбирање за вашиот интерес, прво тоа е ваш колега, затоа прашувате и дојдовте овде поради случајот со Кежаровски, но не смеам да си дозволам прерано да откривам што ќе се случува во нашата земја. Јас имам докази за се, не можам да кажам дали некои од нив се поврзани или не за тој случај, но и ако има нешто, ќе го споделам тоа со јавноста, рече Заев.