Патничкиот и товарниот железнички превоз во Македонија од изутринава е нормализиран откако синдикатите на машиновозачите го прекинаа штрајкот по средбата што ја имаа ноќеска со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и новото раководство во МЖ Транспорт ад Скопје.
Возовите, според службата за информации од Железничката станица во Скопје, сообраќаат според утврдениот возен ред.
Од Независниот синдикат на машиновозачите на Македонија и Министерството за транспорт и врски информираат дека в понеделник ќе почнат преговори за исполнување на барањата на машиновозачите, поради кои од завчера беше прекинат товарниот, а од вчера напладне редуциран патничкиот сообраќај.
– Постигнавме договор колективниот договор да биде потпишан во рок од две недели до еден месец, за што ќе преговараме со министрите за транспорт и за труд и социјална политика Јанакиески и Диме Спасов, изјави за МИА Латко Јовановски, претседател на Независниот синдкат на машиновозачите на Македонија.
Според Јовановски, ќе се преговара и за барањето за промена на пресметката на бенифицираниот стаж. – Бараме да се врати поранешната пресметка со која на секоја година имавме 4 месеци бефинициран стаж, односно на секои три години по една година, а не како сега една година на четири години, рече Јовановски.
Со ресорното Министерство и новото раководство што е именувано во МЖ Транспорт од вчера, според Јовановски, е постигнат договор и за барањето за исплата на платата еднократно, а не двапати месечно, а ќе се преговара и за останатите синдикални барања.
Во Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија (НСПМ), Независен синдикат на машиновозачите на Македонија (НСММ) и Синдикат на машиновозачите на Македонија (СММ), кои завчера донесоа одлука за бојкот на работата, членуваат 150 машиновозачи. Во МЖ Транспорт има вкупно 1.200 вработени.