Пратеникот во Европскиот парламент и известувач од сенка за Република Македонија, Едуард Кукан, смета дека е време Европската унија и земјите-членки да отидат чекор напред и да започнат преговори за влез во Унијата.
Искусниот европратеник од Словачка, во изјава за дописникот на МИА од Брисел рече дека е очигледен напредокот во реформите во македонската држава и дека поради тоа треба да се следат препораките на Европскиот парламент и на Европската комисија, а тоа е Советот на ЕУ во декември на Македонија да и додели датум за почеток на преговори.
– Со оглед на развојот на настаните во Македонија, мислам дека има видлив напор и напредок во ангажманот за исполнување на реформите поврзани со ЕУ. Го поздравувам Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) меѓу Комисијата и македонската влада и досега постигнатите резултати. Важно е активно да се продолжи во овој ангажман, вели Кукан.
Тој потенцира дека е време за напредок во однос на аспирациите на Македонија за членство во ЕУ.
– Мислам дека можеби е време да се отиде чекор подалеку и да започнат пристапните преговори за влез на Македонија во Унијата. Европскиот парламент претходните години јасно препорача отворање на преговорите, вели Кукан.
За констатацијата дека постојат пет земји-кандидати за членство во ЕУ-Турција, Исланд, Црна Гора, Србија и тоа дали тој како известувач од сенка на ЕП за Македонија смета дека земјата „заслужува“ последна од овие земји да влезе во ЕУ, иако трипати по ред добива препораки од ЕК за почеток на преговори, Кукан со став дека секоја земја се оценува поединечно.
– Не би сакал да шпекулирам и да ја споредувам ситуацијата на Македонија со другите земји од регионот, со оглед на тоа што секоја има свои специфики и е оценета според сопствените резултати. Сепак, како што веќе споменав, го делам мислењето дадено од Комисијата во претходните години дека преговорите со Македонија требаше досега да започнат, дециден е Словакот од Европската народна партија (ЕПП), која е најбројна во законодавниот дом на големото европско семејство.