Подгответе го дома ова неодоливо топло чоколадо …
Потребно е: (за 4 порции)
250 мл млеко
1 лажица какао
100 гр темно чоколадо
3 жолчки
3 белки
8 лажици шеќер
2 и половина лажици пченкарен скроб (нишесте)
неколку капки лимон
прстофат сол
200 мл слатка павлака
Подготовка:
– Измешајте го млекото со какаото и ставете го на оган, да зоврие. Така полесно ќе се раствори какаото.
– Во посебен сад, изматете ги жолчките додека станат бледи и примат малку воздух и додадете 3 лажици шеќер и пченкарниот скроб и матете додека смесата не се хомогенизира.
– Во смесата со жолчките, матејќи со миксер, полека додавајте од млекото. Овој чекор помага температурата на жолчките полека да се зголемува со цел жолчките да не се зготват т.е. претворат во омлет. Не брзајте со ова!
– Вратете ја смесата на тивок оган, додека не се згусне (добие густина на пудинг). Не заборавајте да мешате енергично, за да не се створат грутки.
– Откако ќе го подготвите кремот, веднаш притиснете пластична фолија директно на кремот (за да не се оформи кора) и ставете го во фрижидер околу саат време да се олади.
– Изматете ги белките заедно со 3 лажици шеќер, 3-4 капки сок од лимот и прстофат сол додека не добиете цврста пена.
– Изматете ја и слатката павлака заедно со 2 лажици шеќер за да добиете цврста пена.
– Стопете ја чоколадата. За сите вас што имате проблеми со топење чоколада: искршете ја на мали коцки и ставете ја во ќеса за замрзнување. Ќесата со чоколада ставете ја во зовриена вода и изгасете го огнот. Оставете ја чоколадата да постои 5 минути во водата и на крај само пресечете мало делче од ќесата и истиснете ја чоколадата во садот во кој ќе ја составите чоколадната пена.
– Додајте го и кремот во стопената чоколада и убаво измешајте со електричен миксер, да добиете мазна смеса.
– Со помош на дрвена, или уште подобро, силиконска лажица, измешајте ги изматените белки со чоколадната смеса. Направете го ова така што најпрво третина од смесата со белките ќе ја измешате потполно со чоколадната смеса, за да се соедини. Ова ќе ја направи смесата поретка и преостанатите белки полесно ќе се инкорпорираат. Ставете уште една третина од белките во чоколадната смеса и измешајте со нежни потези со лажицата од дното на садот, превртувајќи ја смесата. Повторете со преостанатата третина од белките и со слатката павлака.
– Префрлете ја чоколадната пена во стаклени чаши за сервирање и гарнирајте со парчиња сечкана чоколада.