За решавање на македонските политички проблеми треба државата да се најде во фокусот на вниманието на Брисел и Вашингтон, оцени Сашо Орданоски, политички аналитичар и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово, на денешната конференција „Македонија 2015: Европски реформи или несреќен нов изум?“, во организација на Македонскиот центар за европско образование.
Тој прогнозира дека годинава ќе има големи политички промени
-Јас би ги советувал сите кои мислат дека овој режим ќе падне со афери, да си го преиспитаат своето мислење. Вакви режими не паѓаат само со афери, вакви режими паѓаат со многу поструктурни оптествени случувања, кои што можат да бидат помогнати со добронамерни посредувања, кои што ќе фатат еден тек, кој може да биде и непријатен, но немојте да мислите дека овој тип на режим ќе падне заради морални причини, рече Ордановски.
Според него ЕУ во моментов од петни жили се обидува да сокрие пред македонската и меѓународната јавност дека Македонија не е демократска земја. Со таков пристап, нејзината можност да работи на подобрување е осудена на неуспех.
– Овој деспотски режим во Македонија, а сега наскоро ќе стане и тоталитарен, рапидно се приближуваме кон тоа, не се создаде преку ноќ. Состојбите во Македонија ќе ескалираат и тоа во сите домени, траекторијата по која се движи Груевски нема друга насока, таа мора само да ескалира. Ние веќе не сме во држава во која важат економските правни критериуми. Ние сме во држава во која само се води пропаганда, рече Ордановски.
Орданоски смета дека е дојдено времето кога работите ќе мора да се прекршат и дека голем дел од јавното мислење веќе се врти и се одлепува од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој зборуваше и за меѓуетничките односи и односот на владејачката партија кон албанската етничка заедница. Смета дека Груевски го надминал шовинистичкиот тон од 2001 и применува реторика која му носи големи резултати на избори, а која содржи презир кон Албанците.