Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ под насловот „Нов удар на македонската влада против нејзините противници“ пишува за политичките случувања во Македонија и случајот „Пуч“, јавува Дојче веле.
Пишувајќи за отворањето на случајот „Пуч“, весникот наведува и дека веднаш имало реакција од канцеларијата на Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини. Во реакцијата е оценето дека обвинувањата се тешки и дека е неопходна независна и транспаренетна истрага, пишува НЦЦ и продолжува:
„Високата претставничка за надворешна политика e загрижена поради влошувањето на политичкиот дијалог во земјата. Тој навистина веќе подолго време е на нула. Речиси една година опозицијата го бојкотира парламентот. Таа ја обвинува власта за изборна измама. Тоа е кусовид поглед на нештата. Не е спорно дека национално-конзервативната влада постојано добива мнозинство гласови. Таа е победник на изборите од 2006 година наваму. Тие избори се слободни, но не се фер. Со строга контрола на медиумите, благодарение на добро подмачкан систем на државен непотизам и по потреба преку влијание врз правосудството, премиерот Груевски создаде систем кој жилаво се држи на власт и покрај катастрофалната економска состојба. Сепак, вина за тоа има и опозицијата. Таа страда од хронична лидерска слабост. Наместо со напорна работа во базата да се погрижи за мобилизација на незадоволните и оние кои страдаат во земјата, таа го бојкотира парламентот и се самосожалува“, пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг“.