Едноставно се топи во уста …
Потребно е:
за тестото:
480 гр брашно
100 гр мелени ореви
1 лажиче рендана кора од портокал
2 лажичиња сода бикарбона
150 гр маст
150 гр шеќер
2 јајца
3 лажици мед
5 лажици млеко
за кремот:
1 л млеко
2 кесички пудинг од ванила
4 лажици нишесте
12 лажици шеќер
250 гр путер
100 гр кандирана кора од портокал
50 гр чоколадо
за чоколадната глазура:
200 гр чоколадо
5 лажици масло
Подготовка:
– Брашното измешајте го со мелените ореви, ренданата кора од портокал и сода бикарбоната.
– Во еден сад ставете ги маста, шеќерот, јајцата, медот и млекото и изматете ги со миксер. Постепено додадете го брашното со мелените ореви во него и замесете тесто кое треба да биде меко и мазно.
– Тестото поделете го на 5 еднакви топчиња. Исечете 5 парчиња хартија за печење со големина колку најголемата тава од рерната.
– Ставете по едно топче на хартијата за печење и над него ставете исечена кеса за замрзнувач (малку подебела). Со сукало почнете да преминувате преку тестото за да го развлечете да биде што потенко (со димензии 35х25 см). Со нож внимателно исечете го вишокот тесто така да добиете правилен правоаголник. Истото направете го и со преостанатите топчиња тесто. Сите кори пред да ги печете избоцкајте ги на повеќе места со вилушка за да не нараснат додека се печат.
– Рерната вклучете ја на 180 целзиусови степени.
– Кората со хартијата за печење ставете ја на превртена тава и ставете да се пече, помалу од 5 минути, односно додека малку не добие боја.
– Печената кора заедно со хартијата за печење ставете ја на маса и врз неа ставете повторно хартија за печење. Потоа притиснете ја со некој тврд предмет, на пример со дрвена даска за сецкање. Секоја наредна испечена кора ставете ја врз претходната и притиснете ја со дрвената даска.
– Кога ќе ги испечете сите кори, сварете го кремот.
– Ставете 800 мл млеко во сад на рингла, додадете го шеќерот. Во преостанатите 200 мл млеко разматете ги правот за пудинг и нишестето. Кога ќе почне да врие млекото сипете ја разматената смеса за пудинг и сварете го пудингот со постојано мешање додека да се згусне.
– Потоа во врелиот крем додадете го путерот исецкан на коцкички и убаво изматете со миксер.
– Смесата поделете ја на два дела. Во првиот додадете 100 гр исецкана кандирана кора од портокал, а во другиот 50 гр растопено чоколадо.
– Веднаш филувајте ги корите, прво со светлиот, па со темниот крем. Последната кора не ја премачкувајте. Покријте ја питата со хартија за печење и повторно притиснете ја.
– Пред да ја послужите оставете ја неколку сати да стои и потоа прелијте ја со чоколадна глазура и исечете ја на коцки.