Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ изјави дека владата не е задоволна од одлуката на Меѓународниот суд на правдата да ги отфрли и хрватската и српската тужба за геноцид, но дека одлуката ќе биде прифатена на цивилизиран начин.
– Не сме задоволни од отфрлањето на хрватската тужба, задоволни сме од одбивањето на српската, изјави Милановиќ по објавувањето на пресудата во Хаг.
Хрватската тужба за жал е одбиена, не е утврден геноцид, но утврдено е дека имало злосторства и жртви. Одлуката мораме да ја прифатиме, жалба нема. Не сме задоволни од одлуката на судот, но на цивилизиран начин ја прифаќаме, нагласи хрватскиот премиер.
Милановиќ истакна дека поминале над 20 години од воените злосторства и дека Хрватска е членка на ЕУ и сега може да гради сопствена иднина во таа насока.
– На Србија во таа насока и посакуваме се најдобро, но не се откажуваме од прашањата на исчезнатите и враќање на културното богатство. Тоа е наш долг кон народот и државата, и морална обврска што ја чека секоја влада, нагласи Милановиќ.