ТВ Сител во својот Дневник објави видео од, како што велат, еден од четирите разговори меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на кој се зборувало за компромитирачките содржини што ги поседува Заев за властодршците.
На видеото со многу слаб квалитет, според Сител, може да се чуе дека Груевски го прашува Заев од каде му се материјалите, а овој одговара дека му се од странски служби. Тонот воопшто не е разбирлив.
ТВ Сител тврди дека видеото го добила од Јутјуб. На видеото може да се види дека снимката е направена во кабинетот на премиерот.
Член 152 од Кривичниот законик предвидува:
Тој што неовластено ќе направи фотографски, филмски или видео снимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност или тој што таквите снимки непосредно ги пренесува на трето лице или му ги покажува или на друг начин му овозможува со нив да се запознае, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
Груевски во саботата, го обвини Заев дека го уценувал да прифати техничка влада, во спротивно лидерот на опозицијата ќе објавел компромитирачки материјали за дел од владините функционери.
Заев изјави дека материјалите ги добил од домашните служби и дека сигурно немало на Груевски точно да му каже од каде ги добил.