Загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ, кој е осомничен за корупција, најави продолжување на политичката кариера, односно појавување на следните избори, било да се тие предвремени, локални или парламентарни.
По состанокот со координаторите на здружението „Клуб на листата гласачи на Милан Бандиќ“, тој истакна дека имајќи предвид оти не му е забранета политичка активност, планира да се појави на следните избори.
Здружението засега има над 900 членови и според Бандиќ ќе се бори за толеранција и заедништво.
Изјавата на градоначалникот ја искоментира хрватската министерка за градежништво Анка Мрак Тариташ, објаснувајќи дека било очекувано тој да формира партија и да се појави на парламентарни избори, но и дека оваа политичка сила активно ќе учествува во животот на градот Загреб.
Бандиќ е уапсен заедно со група загребски функционери и бизнисмени во рамки на аферата „Аграм“. Тој се сомничи дека го оштетил градот, со кој управува 12 години, во случајот поврзан со претседателската изборна кампања и го оштетил државниот буџет поради неплаќање данок на донациите добиени по изборите во 2010 година. Вкупната штета Обвинителството ја проценува на околу 2,6 милиони евра.