Законот за плаќање здравствено и пензиско осигурување за хонорарите е нејасен непрецизен и за толкувачите и преведувачите.
Според здружението на толкувачи и преведувачи, овие лица се ангажираат за работа која не трае повеќе од ден или два а дилемата е дали придонеси треба да платат само за еден ден.
Дополнителен проблем кој очигледно власта не го зела предвид е тоа што на преведувачите и толкувачите за склучениот договор за ангажман исплатата може да им доцни со месеци.
Од овие здруженија прашуваат дали доколку доцнат со префрлање на пари за завршен ангажман издатоците ќе ги платат од свој џеб со неисплатен хонорар.
Уште една работа за која алармираа од здруженијата а е неуставна е тоа што пак одредени категории се повластени да не плаќаат придонеси на хонорарите или судските вештаци.
За нив ова е неприфатливо зошто судските преведувачи кои се исто дел од судската фела се обврзани хонорарите да им бидат оданочени.
„Природата на нашата работа, особено на толкувачите е тоа што толкувачот може да има работа за еден или два дена работа и како ќе биде осигуран на еден ден. Тој ден кога ќе го искористи додека толкува. Навистина има многу нејаснотии и не се знае дали за периодот од три месеци додека е склучен договорот ќе биде осигуран или за самиот ангажман. Проблемот се јавува што кај нас исплатата доаѓа многу отпосле па што правиме со периодот додека нема исплата а ја имаме обврската да плаќаме придонеси“, изјавија од здруженијата за толкувачи и преведувачи.