Патролен брод на Малта утрово спасил околу 80 имигранти, но се стравува дека 20 луѓе починале.
Малта заедно со Италија се главните точки на мигрантите кои од Северна Африка сакаат да стигнат до Европа.
Портпаролот на Владата на Малта рече дека имигрантите веројатно биле во чамец со денови и оти им е неопходна лекарска нега.
Имигрантите им кажале на спасувачите дека во чамецот имало 100 луѓе, но дека 20 починале.
Националноста на имигрантите засега не е позната.
Во одвоен инцидент, италијанската крајбрежна стража спасила денеска околу 70 имигранти, кои од Либија тргнале со брод во Италија.
Илјадници луѓе го изгубија животот во последните неколку години, во обид од Африка да стигнат до бреговите на Европа.