Ризикот од терористички напади на Западoт е се поголем поради ширењето и усовршените методи што ги користат џихадистите, изјави заменикот секретар на американското Министерство за одбрана задолжен за разузнавање Мајкл Викерс.
– Постојат многу групи што ги спонзорираат нападите, кои се борат за водство во глобалниот џихад, изјави Викерс, нагласувајќи дека нападите во западните земји се особено високо на листата на нивни приоритети.
Според Викерс, Сирија е магнет за џихадисти, а групите Ал Каеда и Исламска држава создале упоришта во нестабилните блискоисточни земји од кои може да планираат напади на Западот. Според него терористичкиот напад во Париз би можел да биде пример на цел на напади на Западот во иднина.
Во нападите на исламистички екстремисти во Париз од 7 до 9 јануари загинаа 17 лица, како и тројцата напаѓачи.