Двајцата ликвидирани џихадисти во синоќешната акција на белгиската полиција во градот Вервие, биле откриени само неколку часа пред да започнат да креваат во воздух полициски станици и да напаѓаат полицајци, наведуваат истражните органи од Белгија.
Како дел од антитерористичката операција против исламистички групи спроведена на повеќе локации во Белгија, вчера во доцните попладневни и вечерни часови, две лица беа убиени во престрелка со полицијата во центарот на источно белгискиот град Вервие.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, уште едно лице е повредено и уапсено во оваа антитерористичка акција на белгиските власти.
Според информациите од Федералното министерство за внатрешни работи на Белгија, целта на операцијата биле поединци кои што туку се вратиле од Сирија и биле долго време следени. Во обемната акција на белгиската полиција, претреси се извршени и во центарот на Брисел, во бриселските населби Андерлехт, Скарбек и Моленбек, како и во градот Вилворд, кој се наоѓа 15 километри од главнито град на Белгија.
Нивото на будност во Белгија е зголемено поради „непосредните“ напади кои биле подготвувани во земјата, затоа што полициските станици и судовите се со зајакната заштита од страна на безбедносните сили. Според информациите, полициската акција била првенствено врз основа на прислушување на телефонските разговори на терористите.
Истрагите се фокусирале на оперативна единица што вклучувала лица кои се вратиле од Сирија и планирале големи терористички напади врз белгиската полиција деновиве или неколку часа пред полицијата да упадне во нивните седишта и домови. Притоа, според полицијата, нападите не го имале Брисел како првична цел.
Инаку, според она што го потврдија од белгиското МВР, за време на претресот во стан во градчето Вервие, осомничените отвориле оган врз полицијата со пиштоли и друго оружје што, според полицијата, „може да се употреби во војна”. Претсрелката се случила вчера околу 17:45 часот и според заменик-федералниот обвинител на Белгија, Тјери Вертс траела „неколку минути”, при што според сведоштвата, иако осомничените биле ранети, тие продолжиле да возвраќаат со жесток оган кон полицијата, пред да бидат ликвидирнаи, а еден од нив е жив уапсен. Притоа, ниту еден цивил, ниту полицаец, не се повредени.
Градоначалникот на Вервие, Марк Елсен, соопшти дека двајцата ликвидирани терористи и уапсениот не биле познати на неговата полиција. Сепак, градоначалникот најави зголемен надзор во наредните денови во неговиот град.
Во Вервие полицијата имаше уште една интервенција во куќа, во близина на местото каде беа застрелани терористите, а истражните органи до рано утринава собираа докази и одземаа документи. Специјализирани полицајци, се уште вршат анализа на местото на престрелката, како дел од истрагата.
Што се однесува до животот во градчето Вервие, утринава сите автобуси нормално циркулираат, иако синоќа автобуските линии беа прекинати како резултат на антитерористичката операција во градот. Единствено без прекин функционираа линиите 69 и 138 на автобусите кои сообрааќаат од Вервие до Дисон, но денеска целиот сообраќај се одвива нормално.
Како што е соопштено, обемни истраги, синоќа се спроведени и во градовите Вилворд и Завентем, во центарот на Брисел, како и во бриселските предградија Андерлехт, Скарбек и Моленбек. Според градоначалничката на Моленбек, Франсоаз Шепманс, сите операции на територијата на општината минале добро. Таму ималко пет претреси спроведени од страна на федералната полиција, кој довеле до апсење на неколку лица. Според Шепманс, засилени безбедносни мерки се преземени околу полициската станица во општината.
Во Моленбек, како и во Брисел и Вилворд, по синоќешните акции беше мирно и покрај многуте неосновани гласини за напади или немири кои циркулираа на социјалните мрежи.
Премиерот на Белгија, Шарл Мишел истакна дека ја следел акцијата внимателно, а синоќа, заедно со министерот за внатрешни работи Јан Жамбон и со министерот за правда, Кун Хенс имаа средба со безбедносните служби.
Мишел рече дека во моментов нема нова закана по безбедноста во Белгија и притоа ја пофали полицијата за акцијата.
Сепак, за денеска во 11:00 часот, федералниот обвинител на Белгија надлежен за фактите за тероризам закажа прес-конференција на која ќе ги каже сите детали од обемната акција.
Координативното тело за анализа на закани (OЦAM) го подигна нивото на будност од второ на трето ниво од можни четири во целата земја, потврди премиерот Мишел. Превземени се и итни чекори за заштита на главните и потенцијални полициски цели. Токму затоа, синоќа поголемиот дел од полициските станици во Брисел беа затворени.
Локалната полиција и во градот Шарлроа го зголемен надзорот околу главната полициска станица и таму полицајци чуваат со митралези во рака. Удвоени се патролите на полицајците што вообичаено патролираат сами во поголемиот дел од градовите во Белгија, а оние што патролираат на коњи или на велосипеди се во своите канцеларии.
– Овие мерки се превземени во консултација со комесарот на оваа област. Овие одлуки се донесени со цел да се зајакне заштитата на полицијата, соопшти градоначалникот на бриселската општина Етербек, Венсан Де Волф.
Она што засега е познато е дека нема врска на синоќешните настани во Белгија со оние што минатата недела се случија во Франција, каде 17 лица беа убиени во три одвоени напади на тројца терористи. Според белгиското МВР, истрагата што вчера кулминираше со акција била отворена две недели пред нападот на магазинот „Шарли Ебдо“ во Париз.
Утринава, пак, според информации на француската полиција, 12 лица се уапсени во неколку градови на Франција. Уапсените во Монтруж, Шатено-Малабри, Епинај-сур-Сеин, Флори-Мерожис и во Грињи се осомничени дека биле логистика на браќата Саид и Шериф Куаши и на Амади Кулибал, кои ги извршија терористичките напади минатата недела.