ОБСЕ на првата седница годинава на Постојаниот совет денеска усвои Декларација, со која се осудуваат терористичките напади во Франција минатата недела, нагласувајќи дека тероризмот никогаш не може да биде оправдан и дека слободата на изразување е основно човеково право, јави Танјуг.
Земјите членки на организацијата, чие претседателство денеска официјално го презема Србија, нагласија дека ќе продолжат со поддршка на толерантноста во своите општества и потврдија решеност да се борат против тероризмот во сите форми и појави, објави ОБСЕ.
Српскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Ивица Дачиќ, кој денеска претседаваше со Постојаниот совет, изјави дека треба да бидеме недвосмилени во осудувањето на сите форми на тероризам, истовремено обезбедувајќи единство на нашите општества против обидите да се создаде поделба на религиозна или етничка припадност.
Дачиќ, исто така, ја истакна и потребата за обединетост за заштита на слободата на изразување како фундаментално право.