Заврши Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, постигнат консензус за идниот претседавач, но не и за буџетот

Од:

Малта ќе биде идниот претседавач со Организацијата во 2024 година, одлучија едногласно 57 земји членки на маргините на 30. Министерски состанок на ОБСЕ, што изминатите три дена се одржа во Скопје. Учесниците донесоа и одлука за продолжување на мандатите на првите луѓе на четирите значајни институции на оваа Организација. Меѓу другото, беше испратен и апел Руската Федерција да овозможи консензус за буџетот на ОБСЕ.

На Самитот во Скопје беше одлучено да се продолжи мандатот на генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, на високиот комесар за национални малцинства, Каират Абдракхманов, како и на претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ, Тереза Рибеиро. Реизбран е Матео Мекачи на чело на ОДИХР.

ОБСЕ е безбедно, ја спасивме организацијата – ова беше пораката на министерот за надворешни работи и досегашен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи за време на последната прес-конференција во рамки на Самитот.

Тој и честиташе на Малта, изразувајќи благодарност за преземање на оваа мисија во предизвикувачки времиња.

-Не беа направени компромиси по однос на принципите и заложбите на ОБСЕ за изборот на Малта за следен претседавач со ОБСЕ. Нашиот постојан претставник во ОБСЕ направи исклучително успешна операција на постигнување согласност на ниво на амбасадори, а потоа и на политичко ниво на министри, порача Османи, кој последната прес-конференција во рамки на Самитот ја одржа со новиот претседавач, шефот на дипломатијата на Малта Јан Борг и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.

Ова, според Османи, ќе значи инспирација да се продолжи понатаму, да се придонесе во меѓународните политички динамики, но и во внатрешните предизвици кои што ги има државата.

-Граѓаните да ја вратат самодовербата во институциите на државата кои што, денеска успеаја да ја спасат најкомплицираната организација во светот од пропаст.

Османи изјави дека и покрај сите напори да се донесе буџет за организацијата, тој не е одобрен од 2021 година поради блокадата од Руската Федерација. Тој посочи дека е важно да се работи на буџетот за 2023 година.

Испрати апел Руската Федерација да овозможи консензус за буџетот, за да не трпат последици теренските операции во Молдавија, Приштина, Сараево, Скопје и други.

Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, истакна дека ОБСЕ продолжува да работи без оглед на околностите и недостигот на буџет.

-Недостигот на буџет за кој сме сите согласни е вистински проблем, бидејќи кога буџетот не е одобрен на крајот од декември, според финансиските регулации, мора да оперираме со месечни издатоци базирани на буџетот кој беше последно одобрен, во овој случај тоа е буџетот од 2021, кој не ги вклучува зголемувањето на платите и инфлацијата, рече таа.

Шмид ја пренесе пораката дека Малта игра важна улога во задржување на мирот и безбедноста и верува дека ќе ги примени иститите вештини во нејзиното лидерство како претседавач следната година.

Новиот претседавач Јан Борг пак, смета дека укажувањето на довербата на Малта е доказ на нивната заедничка заложба да продолжат да ја зајакнуваат организацијата и да осигурат дека покрај сите предизвици со кои се соочуваат, организацијата ќе продолжи да работи.

Министерскиот состанок во Скопје оваа година го одбележа токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, но средба меѓу нив двајца не се случи.

Блинкен присуствуваше на неформалната вечера на 29 ноември, а потоа замина за Израел, додека шефот на руската дипломатија присуствуваше на Министерскиот состанок на вчера и завчера..

Самитот во Скопје ќе остане запаметен по тоа што европските лидери едногласно ја осудија руската агресија врз Украина и упатија силна поддршка за украинскиот народ. Министерскиот совет поради присуството на Лавров, го бојкотираше украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, како и неговите колеги од Полска и од балтичките земји, но делегации од земјите како и дел од нивните амбасадори во ОБСЕ, сепак, допатуваа на состанокот.

Украинскиот амбасадор во ОБСЕ, Евгениј Цимбаљук во обраќањето на 30. Министерски самит изрази благодарност до сите земји за поддршката на Украина во борбата за слобода против Русија, со кое, како што рече, придонесуваат и за одбрана на иднината на ОБСЕ.

Во десетата година од анексијата на Крим, во 2024 година, според Цимбаљук, ОБСЕ како никогаш досега има потреба од силно лидерство од одбрана на принципите на Организацијата, со дополнителна

Цимбаљук, симболично во своето обраќање, пред делегатите покажа и пет зрна изгорени од Русија со ирански дрон, објаснувајќи дека Русија досега има уништено стотици илјадници тони житарки, со што, како што нагласи, остави многу семејства низ целиот свет без храна.

– На светот му треба вакцина против обидите за користење на храната како оружје, нагласи Цимбаљук.

ОБСЕ во изминатите две години, според Цимбаљук, покажа дека е најкорисно, кога ги игнорира уцените од Русија, и кога со неа се зборува од позиција на обединетост и морално право.

– Во спротивно Русија ќе бара, уште и уште отстапки. Јасно е дека не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ, со земја која ја киднапира нашата иднина и нашите деца, порача Цимбаљук.

За време на излагањето на шефот на руската дипломатија, дел од учесниците на Самитот ја напуштија салата.

Лавров во долгиот говор на Министерски состанок изјави дека ова што моментално се случува во Организацијата не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања. Тој пред учесниците истакна дека западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на ОБСЕ.

-Поделбите на континентот ја поткопуваат безбедноста што ја креира ОБСЕ и доблесната идеја на која почива процесот од Хелсинки, рече Лавров.

Тој изјави дека традицонално овие состаноци завршуваат со позитивни и охрабрувачки пораки, но според него во моментов нема простор за оптимизам. ОБСЕ, според рускиот министер за надворешни работи е претворен во Организација, која им служи на интересите на НАТО и ЕУ и се поставува прашањето дали е мудро истата да биде витализирана.

Според Лавров сегашните случувања го доведуваат во прашање и функционирањето на ОБСЕ како форум за објективно решавање на глобалните проблеми и го поткопуваат принципот на еднакви права на сите учесници.

Помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан, пак, на состанокот со порака дека е потребно да се упати сериозна критика за секој кој има намера да го блокира функционирањето на Организацијата, затоа што тоа би било директна закана кон нејзините основни вредности и заложби, но и кон животите на милиони луѓе кои се обидуваат да ги уживаат основните човекови права.

Блокадата или непочитувањето на принципите на Организацијата, како што рече, е директна закана кон нејзините основни вредности за кои се заложува уште од 1975 година.

Тој останува на ставот со неговите колеги дека руската офанзива кон Украина е директна закана за слободата на цивилното население, за меѓународното право, како и принципите на оваа Организација.

-Русија продолжува да ги прекршува принципите на ОБСЕ. Се приклучувам кон гласот на моите колеги кои ја повикуваат Русија да ги сопре прекршувањата на основните принципи на Организацијата, но не сум сигурни дека се волни да го слушнат. Верувам дека ОБСЕ ќе напредува и дека Малта како претседавач ќе може да заврши одлична работа во 2024 година, додаде О’Брајан.

Постојаниот претставник на САД во ОБСЕ, амбасадорот Мајкл Карпентер на последен ден од Самитот ги потврди ставовите на сите земји членки, а тоа е дека Русија останува изолирана во рамки на ОБСЕ.

-Фокусот на сите нас беше на руската воена агресија врз Украина. За оваа ужасна агресија разговараме секоја недела на Постојаниот совет на Организацијата. Русија останува изолирана во рамки на Организацијата. Не постои ниту една друга членка на Организацијата, која ја поддржува оваа воена агресија или која се обидува да ја брани, потенцираше Карпентер.

На маргините на состанокот исто така беше потпишана заедничка изјава за борба против корупцијата, како и за безбедност на новинарките.

Поточно, министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора потпишаа заедничка изјава за борба против корупцијата, перењето пари и олеснување на напорите за враќање на имотот.

Вчера, на последниот ден од Самитот во Скопје, вкупно 46 од 57 земји членки на ОБСЕ се согласија на заедничка изјава за безбедност на новинарки во која стои дека како приоритет ќе биде ставено клучното прашање за безбедноста на новинарките на интернет и на меѓународната сцена, и во соодветните национални контексти.

Состанокот на 30 ноември во Скопје го отвори премиерот Димитар Ковачевски со порака дека визијата на ОБСЕ како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани.

На Министерскиот совет во Скопје учествуваа околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

Би можело да ве интересира

ОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден, процедурите за гласање се почитувале во голема мера

Блинкен и Лавров се разминаа во Скопје, САД и Русија спротивставени за иднината на ОБСЕ, за Украина, Балканот

Габриел не сакала да биде на иста маса со Лавров и затоа предвреме заминала од Скопје

Горан Наумовски

Хипи: Луѓето сакаат да бидат на евроатлантската траекторија бидејќи веруваат во слобода и демократија

Лавров: Србија нема да ја примат во ЕУ додека не го признае Косово

Орце Костов

Израел треба да ги знае правилата на војување, бројките на убиени цивили во Газа се страшни, смета Лавров

Орце Костов