Хипи: Луѓето сакаат да бидат на евроатлантската траекторија бидејќи веруваат во слобода и демократија

Од:

Земјите го избираат својот пат. НАТО и ЕУ не се експанзионистички организации. Русија сака да претстави дека желбата на луѓето да се приклучат на НАТО или ЕУ е некој вид на западна експанзионистичка агенда, што не е вистина. Луѓето сакаат да бидат на евроатлантската траекторија бидејќи веруваат во слобода, суверенитет, територијален интегритет, демократија, сите работи што се вградени во западните организации како ЕУ и НАТО. Ова во интервју за МИА го порача британскиот министер за вооружени сили, Џејмс Хипи, со кого разговаравме на маргините на 30. Министерски совет на ОБСЕ, кој се одржа вчера и завчера во Скопје.

На прашањето дали одложувањето на интеграцијата во ЕУ на земјите од регионот на Западен Балкан може да отвори простор за дестабилизација и влијанија од трети страни, Хипи вели дека иако Обединетото Кралство по Брегзит повеќе не е дел од ЕУ, целосно ги поддржува земјите, кои ја имаат таа амбиција.

Тој говори и за учеството на првиот руски дипломат, Сергеј Лавров на Самитот, кое предизвика бојкот на министрите за надворешни работи на Украина, Полска и балтичките држави, нагласувајќи дека со неговото присуство во Скопје тој можел да ја чуе од прва рака осудата за делувањето на Русија во Украина и начинот на кој Москва се однесува со оваа организација.

Хипи изјави дека тој не планирал средба со Лавров, а исто така изрази и разбирање за земјите, кои ја изразиле својата загриженост поради неговото присуство.

-Ставот на Владата на Обединетото Кралство е дека ова е форум што останува единствена можност за ангажман и затоа сме тука. Останатите земји си носат сопствени проценки околу фактот што Русите се овде, нагласува Хипи.

Британскиот министер за вооружени сили се осврна и на одбележувањето на 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Велика Британија, нагласувајќи ја британската поддршка за Армијата на Северна Макеоднија во насока на исполнувањето на НАТО стандардите.

-Целото искуство што го има британската армија во работата со вашата војска е навистина позитивно и охрабрувачко и постои голема почит за активностите на македонските вооружени сили, рече Хипи.

Би можело да ве интересира

На состанокот на ОБСЕ Блинкен предупреди дека Русија ја загрозува европската безбедност

ВИДЕО: Лавров влезе во Европската унија и тоа со руски владин авион

Лавров доаѓа во ЕУ во декември, првпат од почетокот на војната во Украина

Катерина Ѓуровски

ОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден, процедурите за гласање се почитувале во голема мера

(ВИДЕО) Лавров се изнервира во Скопје: „Може ли да ме оставите на мира, ве молам“

Горан Наумовски

Блинкен и Лавров се разминаа во Скопје, САД и Русија спротивставени за иднината на ОБСЕ, за Украина, Балканот