Професорскиот пленум му се заблагодарува на Претседателот на РМ, проф. д-р Ѓорѓе Иванов за неговата подготвеност за средба со своите студенти и универзитетски колеги и да ги слушне нивните ставови за предложените измени на Законот за високо образование. Сите учесници на средбата се согласија дека состојбите во оваа сфера не само што се лоши, туку и со честите законски измени тие во континуитет се влошуваат.
На средбата, претставниците на Студентскиот пленум и на Професорскиот пленум ги образложија своите ставови и укажаа на бројните нелогичности и недостатоци во предлог – измените. Професорскиот пленум уште еднаш нагласи дека не е против реформи во образованието, но дека тие мора да бидат спроведени врз база на соодветна анализа на состојбата и евалуација на резултатите од досегашниот образовен систем.
Претседателот Иванов предложи средба за в среда, 14-ти јануари помеѓу Професорскиот пленум и Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование. Претставниците на Професорскиот пленум не се согласија со предлогот на Претседателот, укажувајќи дека нема потреба од таква средба, бидејќи не постојат спротивставени мислења во однос на потребата од реформи во високото образование. Единствената разлика меѓу нив е што досега ни факултетите, ниту Интеруниверзитетска конференција не добиле аргументи и мислења кои би ги поддржале јавно истакнатите ставови на Граѓанската иницијатива.
Професорскиот пленум смета дека подобрувањето на квалитетот во високото образование е нужно, но понудените предлог измени, кои се антиреформски и неуставни, наместо да ги подобрат, ќе ги влошат состојбите во образованието. За Професорскиот пленум оваа средба, предложена да се одржи на истиот ден кога е закажана 31-та седница на Собранието на РМ на која се очекува изгласување на предложениот пакет закони е беспредметна.
Професорскиот пленум останува на својот став и јавен повик до Претседателот Иванов да не го потпише указот за прогласување на Законот за високо образование и на другите закони, односно да го искористи правото на суспензивно вето.