Автомобил-бомба експлодира на влезот на хотелот „Дар ал Салам“ во градот Тобрук, каде заседава меѓународно признаениот Парламент на Либија, изјави либискиот парламентарец Абу Бакр Баејра.
Тој истакна дека при нападот никој не настрадал.
Во источниот град Тобрук заседава либискиот Парламент откако во летото исламистичките милиции го зазедоа главниот град Триполи и поставија ривалска влада.
Се уште никој не преземал одговорност за нападот, а властите ги обвинија исламистичките екстремисти, стационирани во источниот град Дерна, кои се лојални на Исламска држава.
Насилството на милициите во Либија е присутно речиси четири години откако беше соборен и убиен долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи.