Задолжницата останува само на доброволна основа. Владата вчера ја објави оваа одлука, која денеска беше потврдена и од Собранието на Република Македонија.
Владата постапи по барање на бизнис заедницата која побара задолжницата, како и досега, да остане на доброволна основа.
Законот за задолжница е донесен во 2012 година и со него се пропиша издавање на инструмент за обезбедување на побарувањата, со цел да се подобри ликвидноста во стопанството и да се обезбеди сигурна и побрза наплата на паричните побарувања во деловните односи. Издавањето на задолжницата беше пропишано на доброволна основа.
Донесувањето на Законот беше поддржано од бизнис заедницата како механизам за подобрување на наплатата и ликвидноста во стопанството.
Со измените на Законот во 2014 година се предлагаше задолжително издавање на задолжница во должничко доверителските односи со кои се создаваат обврски над 300.000 денари.