Уметниците се револтирани од намерата на Владата од Нова година да ги оданочува хонорарите со 35%. Владо Јовановски, театарски, филмски и телевизиски актер, својот став го напиша јавно на својот ФБ профил:
Биди пратеник- не плаќај данок! Биди пратеник- заштити се себеси! Биди врвен пратеник- начукај им го на другите да плаќаат арач, лут, без жал. Секоја власт е исто така подложна на расипување како и претходната и малку повеќе! Или не, секој човек е исто толку вреден како и другиот и малку повеќе! Така беше, ама с’е се измеша. Ако после 2001 година, се укина демократијата во Македонија и се воспостави општество на племенски заедници, сега со новиот закон за даноци, се воведуваат касти. Врвни, поврвни, најврвни, од друга страна работници, аргати, глумци, амали и други. Ми текнува на она јужно-србијанското градирање на зборот богат:
1. Богат
2. Побогат
3. Најбогат
4. Немогу да га ухвате
5. Токо је богат што могу за Стојко да му се ухвате
Значи, кога ќе достигнеш ниво на најбогат, па четврто ниво (Немогу да те ухвате), ОП, си носиш закон да могу за Стојко да ти се ухвате. А? Петто ниво, идеал за сите студенти кои треба да полагаат екстерно. Еден од најдобрите потези на оваа влада беше данокот од 10%. Зашто во турско плаќавме исто толку, глупаво е сега во своја држава да плаќаме повеќе.
Разбирам дека касата може да е празна и треба да го стегнеме каишот. Нема проблем, ако треба корења ќе јадеме за општото добро, ама сите, цела нација, а не едни да се од „шарената крава“. Исто така разбирам да им се покачат платите на одборници, судии, врвни стечајни управници, пратеници, платеници и слични, за да бидат независни, непоткупливи и да мислат со своја глава. Нека земаат по пет, по десет илјади евра, но вака ја вреѓате интелигенцијата на сите нас останати. Дефинитивно „Македонецот на македонецот му е македонец“ рече режисерот и отиде в банка да го подигне својот хонорар.
П.С. Ако ме нема на протестите против овој закон, незнам ни кој ни кога ги организира, но ако не сум присутен таму, значи работам некаде на црно… „Продавај магла, продавај лајна, с’е купуваат.“ – Цитат од „Црна дупка“.