Стефан Синовец и официјално е повратник во редовите на МЗТ Скопје Аеродром.
Ова попладнево и официјално го потврдија од редовите на македонскиот кошаркарски шампион.
Српскиот бек-шутер минатата сезона беше еден од најзабележителните играчи кај сино-белите, а по завршувањето на сезоната направи трансфер во унгарскиот тим Шолнок.
Откако Синовец во Шолнок не ја доби посакуваната минутажа на теренот, во договор со клубот и својот менаџер Мишко Ражнатовиќ реши да се врати во „Јане Сандански’’.
26-годишниот Синовец во МЗТ Скопје, ќе треба да го надополни отсуството на повредените македонски репрезентативци Дамјан Стојановски и на Марко Симоновски.
Српскиот интернационалец нема да може да настапи на вечерашниот натпревар против Црвена звезда, но се очекува тој да биде во комбинација за настап веќе на следниот натпревар, веќе во четврток кога МЗТ Скопје одново на домашен терен ќе игра и тоа против екипата на Мега Лекс.
Синовец во АБА лигата сезонава одигра 13 натпревари за унгарскиот тим на кои оствари просечен учинок од 10,5 поени и 3,4 скокови, додека минатата сезона во дресот на МЗТ Скопје одигра 23 натпревари со просечен учинок од 11,3 поени и 2,4 скокови.