Сто и триесет лица е билансот на загинатите во нападот на талибанци врз училиште во кое се обучуваат деца на војници во северозападниот пакистански град Пешавар.
Според најновите податоци, повредени се 122 лица. Дваесет и пет од нив се во исклучително тешка состојба.
Властите укажуваат дека повеќето од убиените – над 100 се деца и оти бројот на загинати може да се зголеми.
Пакистанските сили кои успеале да влезат во училиштето објавија дека ликвидирале четворица од напаѓачите.
Засега се знае дека биле најмалку шестмина напаѓачи од кои двајца се забарикадирани во канцеларијата на директорот и од каде продолжуваат да пукаат.
Според западни медиуми, објектот на училиштето е речиси целосно урнат бидејќи напаѓачите носеле на себе и ремени со експлозиви.
По повод трагедијата пакистанскиот премиер Наваз Шариф изјави дека патува кон Пешавар.
Тој го оквалификува нападот како национална трагедија, предизвикана од дивјаци.
– Загинатите деца се мои деца. Јас ги загубив тие деца, целата нација ги загуби тие деца, изјави Шариф.
Одговорност за нападот презеде талибанската група Техрик-и-талибан-Пакистан. Потегот на терористичката група е преземен заради одмазда за убиените нивни припадници при офанзивата на армијата во гранични зони близу Пешавар, изјави нивни портпарол.