Далај Лама мора повторно да се инкарнира за да се испочитува традицијата на тибетантскиот будизам – беше првата реакција на кинеските лидери по изјавата на Далај Лама дадена во интервју за едно германско списание пред неколку недели, кога рече дека можеби ќе се одлучи повеќе да не се реинкарнира.
Иако оваа кинеска реакција предизцика смеа на лицата на циниците, со оглед дека се работи за кинески комунистички режим, а Далај Лама е верски поглавар на поранешната незавизна држава Тибет, која Кина со воени средства ја анектира, зад се како и секогаш стојат политички интереси, а не новостекнати верски убедувања.
Далај Лама на германски новинар му рекол дека можеби ќе се одлучи повторно да не се отелотвори во Тибет, ако Тибет не стане слободна земја и дека никој нема право да бира негов наследник. Денешниот 14-ти по ред Далај Лама, кој сега има 79 години, објасни дека титулата на врвен будистички поглавар може да заврши со него, додавајќи прилично таинствено, дека тибетантскиот будизам и така не зависи од едно лице.
Тие сакаат свој кандидат
Иако кинеските власти, по анексијата на Тибет во 1950 година, при која илјадници будистички монаси биле убиени, а Далај Лама побегна во егзил во Индија во 1959 година, постојано го нарекуваа Далај Лама волк во монашка облека и го сметаа за закана по стабилноста на Тибет, нивниот одговор на овие негови зборови беше неочекувано брз и недвосмислен, бидејќи се дозна дека тие всушност сакаат циклусот на реинкарнација да продолжи и Далај Лама повторно да се појави тука на Земјата или подобро кажано на Тибет.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг рече: Кина спроведува политика на слобода на верските убедувања и тоа значи дека мора да се почитува обичајот на пренесување на титулата на врвен поглавар на тибетантскиот будизам.
Професор Елиот Сперлинг од Универзитетот Индијана, кој важи за врвен експерт за Тибет, веднаш го прокоментира овој настан и изнесе свој став дека овој Далај Лама веројатно се обидува да ја избегне состојбата во која на кинеските власти би им се укажала можност да го контролираат неговиот наследник и на тој начин да манипулираат со Тибетанците. Проф. Сперлинг потоа додаде: Кинезите го сакаат Далај Лама, но тие сакаат свој Далај Лама. Тие веруваат дека можат да најдат некој кој ќе можат да го контролираат.
Нешто слично се случи во 1995 година, кога Далај Лама прогласи едно дете во Тибет за реинкарниран Панчен Лама, што е втора титула по ред во хиерархијата на тибетантскиот будизам. Откако детето беше одбрано на овој начин, по наредба на кинеските власти беше ставено во куќен притвор, а на негово место поставено е друго дете кое најголем дел од времето живее во Пекинг. Исто така во 2007 година, кинеската Влада објави декрет под името Мерки за управување со реинкарнацијата на живите Буди во тибетантскиот будизам, која на себе си даде одлучувачка улога во сите фази на процесот на реинкарнација.
Препознавање на предмети
Според традицијата која со векови се почитува без никакви измени, Далај Лама не се бира, туку се пронаоѓа така што се бара и наоѓа дете за кое се заклучува дека е повторна реинкарнација на претходниот Далај Лама, кој се одлучил повторно да се роди за да продолжи да ја врши својата важна работа на Земјата. Инаку, лицето кое ќе се одлучи постојано одново да се раѓа и да не го напушта тркалото на животот, на Тибет се нарекува тулку.
Будистите веруваат дека првиот тулку во оваа реинкарнација бил Гендун Друб, кој живеел од 1391 до 1474 година, втор бил Фендун Гиацо, а титулата Далај Лама која значи Океан на мудроста, прв ја понел во 1578 година третиот во овој циклус кој се викал Сонам Гиацо, и се од догаш па до денешен ден титулата Далај Лама на Тибет секогаш се доделува на дете за кое ќе се утврди дека претставува нова инкарнација на претходниот.
Процесот на наоѓање и на индентификување на вистинското дете понекогаш умее да трае и по неколку години и со тоа барање раководеле Високи Лами и тибетантската Влада. Прво се бараат сите деца кои се родени малку подоцна од смртта на претходниот Далај Лама, а потоа сите се тестираат со цел да се утврди дали доаѓаат предвид или не, се додека не се најде вистинското дете.
Понекогаш среќата би послужила Лами кои учествувале во барањето и некои од нив доживеале визија или сонувале локација на која детето живее и тоа многу им олеснувало во барањето. На детето тогаш му покажуваат голем број на различни предмети, а меѓу нив и тие што припаѓале на претходниот Далај Лама и ако детето ги препознае и ги избере тие предмети, тоа се толкувало како знак дека тоа е вистинското дете што го бараат. Тогаш го одвојувале од неговото семејство и го носеле во главниот град на Тибет, Ласа, каде го почнувал процесот на учење, подготвувајќи го да стане Далај Лама.
Процесот на гласање?
За какви детали водат сметка Високите Лами кои учествуваат во барање на дете кое ќе стане Далај Лама, најдобро се гледа од следниот пример. Имено, со оглед дека според будистичката традиција умрените се палат, во текот на кремирањето на земјините останки на Далај Лама, будно се внимава во кој правец дува ветерот и го носи чадот од запалената клада, бидејќи се смета дека тоа ќе го покаже правецот во кој треба да појдат за местото на неговото ново раѓање. Важен дел од ова традиционално барање, кое со векови се спроведува на ист начин, е одењето на брегот на тибетантското свето езеро Ламо Лако, каде Високите Лами влегуваат во состојба на длабока медитација и чекаат во мозокот да им се појави визија на местото во кое живее детето кое го бараат или некој друг недвосмислен знак кој ќе им го даде духот-заштитник на ова езеро, за кое веруваат дека е од женски род и дека таа се обврзала на првиот Далај Лама, ветувајќи дека ќе ги штити неговите реинкарнирани наследници.
Така и знакот кој Високите Лами го добиле во 1935 година од духот на езерото бил одлучувачки во барањето за денешниот Далај Лама. Тогаш еден од нив во својот мозок видел три тибетантски букви, манастир со покрив со зелена и црвена боја и куќа со покрив со тиркизна боја, што ги довело до местото во кој живеел Тенсион Гиацо, кој станал 14 Далај Лама. Тој е роден во селско семејство кое живеело на источниот дел од Тибет и бил најден кога имал 2 години, по барање кое траело цели 4 години. Успешно ги поминал сите тестови кои му ги задале Високите Лами, вклучувајќи го и тоа дека ги препознал молитвените бројаници на претходниот Далај Лама.
Бидејќи изјавата на Далај Лама дадена за германските весници предизвика голем интерес во јавноста, тој преку својот секретар официјално се огласи, со објаснување дека тоа што го кажал е извадено од контекст и дека не се работи за тоа дали повторно ќе се инкарнира, туку дека само размислува за некој нов начин на кој неговата реинкарнација ќе биде препознаена и избрана, кој треба да се разликува од досегашното барање за дете родено на Тибет, со помош на претскажување и симболи. Тој вели дека дури размислува и за воведување на процес на гласање во изборот на својот наследник, слично на избор на папата, а дури и за тоа да остави пишани напатствија кои ќе бидат прочитани по неговата смрт.
Б92 – Белград