Педесет и пет отсто од 330 ученици опфатени со истражување спроведено во 22 средни училишта на територија на Град Скопје, се изјасниле дека на училиште стекнуваат информации за сексуално и репродуктивно здравје за кое 81 отсто посочиле дека го учат на предметот биологија, а само 26 отсто на предметот образование за животни вештини.
Ова денеска го истакнаа од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. на прес-конференција на која ги презентираа резултатите од истражувањето кое го спровеле во соработка со Центарот за стручно образование и обука, во април-мај годинава, а со кое биле опфатени и 110 наставници.
Од испитаните ученици 77 отсто се од македонска националност, а 23 отсто од албанска националност, односно 53 отсто девојчиња и 47 отсто момчиња, како и над пет отсто наставници.
– Од една страна имаме 63 отсто од учениците кои изјавиле дека зборуваат и учат за заштита од ХИВ по предметот биологија, но имаме факт кој говори дека само 21 отсто од нив кажале дека учат за употреба да кондом по истиот предмет. Добро е што на часовите по образование за животни вештини над 50 отсто од учениците се изјасниле дека обработуваат теми од областа на човекови права, но фрапантен е податокот дека само 13 отсто се изјасниле дека учат за кондом, а само два отсто зборуваат за оралната контрацепција, рече координаторот на проектот на Х.Е.Р.А., Марија Матовска.
Посочи дека темите кои се од исклучително значење за сексуалното и репродуктивното здравје, како што е род, првиот сексуален однос, сексуалната ориентација, употребата на орална контрацепција се многу малку застапени во овие два предмета.
– Загрижува општиот заклучок дека учениците и ученичките од албанската заедница имаат полимитиран пристап до овие теми и информации. Ако на биологија 24 отсто од македонските ученици се изјасниле дека учеле да употреба на кондом, овој процент кај албанските ученици е само 13 отсто. Учениците се задоволни од начинот на кој се предава, меѓутоа сепак бараат да им се посвети повеќе време и внимание и наставниците малку да имаат поотворен однос кога разговараат за овие теми, истакна Матовска.
Според резултатите од истражувањето, повеќе од 50 отсто од наставниците бараат дополнителни материјали за учениците, алатки и прирачници, како и обуки за знаења и вештини за предавање на теми поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје. Од Х.Е.Р.А. ги повикаа наставниците да ги користат едукативните материјали на hera.org.mk , а од денеска тие на нивниот линк може го преземат и Прирачникот за теми од областа на сексуалното и репродуктивното здравје.