Активисти од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и од Хелсиншки комитет за човекови права, денеска, во Основно јавно обвинителство поднесоа кривични пријави против говорот на омраза на Јанко Илковски и Миленко Неделковски, кој според активистите, не е застапен само на нивните фејсбук профили, туку и на радио и телевизиски емиси и во весници што објавуваат текстови на овие личности.
– Конкретно, кривичните пријави ги поднесуваме по 3 члена од Кривичниот закон на РМ. Напомениваме дека не се работи за изолиран случај во кој, овие двајца новинари, преку својот хомофобичен говор предизвикувале директно насилство врз ЛГБТИ заедницата, имаме собрано голем број доказни материјали против нив, се работи за тренд. И досега сме поднесувале пријави против Илковски и Неделковски, но наидовме на молк од надлежното јавното обвинителство, но овојпат, по поминувањето на рокот ќе одиме до Вишото јавно обвинителство, а понатаму и до Европскиот суд за човекови права, затоа што очигледно е дека против дискриминацијата на ЛГБТИ заедницата, односно дискриминација врз основа на сексуална ориентација – во Републикја Македонија не постои ниту ефикасен, ниту ефективен правен лек, вели Драгана Дрндаревска, активист.
Според активистите, не станува збор само за игнорирање на реакциите и претставките до јавното обвинителство, туку се работи за игнорирање на оваа континуирана пракса на ширење на говор на омраза од овие јавни личности и од страна на одделението за електронски криминал при МВР. До ова одделение биле поднесени неколку претставки, но оттаму нема никаква реакција.
– Сметаме дека последниве инциденти на ширење на говор на омраза кој доаѓа од овие две лица е резултат на охрабрувањето што го добиваат во целата досегашна пракса на реагирање на институциите. Јавниот обвинител се уште не се изјасни за злосторствата од омраза, вклучувајќи го и нападот врз Дамар и сите претходни напади врз ЛГБТИ центарот за поддршка – и покрај сите наши протести и покрај сите поднесени доказни материјали и во МВР и кај Јавниот обвинител. Сакаме да го охрабриме Јавниот обвинител и да му кажеме дека нема потреба да се плаши. Оние кои што го заплашуваат и кои му прават притисок се во брод што веќе тоне, тоа го покажаа вчерашните студентски протести, така што може слободно да се охрабри и да ги преземе сите неопходни мерки за решавање на овие сллучаи, во спротивно, тој останува да биде соучесник во злоделата од омраза на кои се жртви луѓето од ЛГБТИ во Македонија, рече Славчо Димитров, активист.
Активисти и граѓани, по нападот врз ЛГБТИ центарот кој се случи на 23 октомври, четири пати протестираа и апелаираа да се најдат напаѓачите во овој, но и во претходни уште четири инциденти, нивните барања останаа без никаков одговор од институциите на државата. А ниту премиерот Груевски, ниту министерката Јанкуловска не ги осудија нападите врз ЛГБТИ заедницата во Македонија.
А.Б.