Над 3.400 лица загинаа оваа година во Средоземно Море во обид да стигнат до Европа, соопшти денеска агенцијата на ОН за бегалци УНХЦР, апелирајќи до властите да преземат мерки за спасување.
Околу 207.000 лица тргнале на ризично патување преку море од јануари годинава, што е речиси три пати повеќе отколку за време на граѓанската војна во Либија 2011 година кога бројката изнесувше 70.000, соопшти УНХЦР.
Од вкупно 207.000 лица кои се обиделе да стигнат до Европа, се удавиле 3,419, додека вкупниот број на жртви во светот на бродови со илегални мигранти годинава достигна 4.272 лица.
Најголем дел од бегалците тргнале од Либија за Италија и Малта во потрага за работа и азил. Меѓу нив 60.051 се Сиријци и 34.561 Еритрејци.
Податоците се објавени на почетокот на дводневниот состанок во Женева во организација на високиот комесар на ОН за бегалци Антонио Гутереш. Средбата е посветена на начините да се заштитат лицата кои бегаат од прогон, војна, нестабилност и сиромаштија.
Гутереш пред состанокот предупреди дека за голем број земји е поважно да ги обезбедат своите граници, отколку да спречат човечки жртви.