Милиони деца во светот биле жртви на насилства и принудно иселување во 2014 година, соопшти денеска меѓународниот фонд на ОН за децата – УНИЦЕФ.
– Никогаш во најновата историја толку многу деца не биле изложени на толкава бруталност, вели Антони Лејк директор на УНИЦЕФ имајќи ги предвид децата кои биле киднапирани, измачувани, силувани или продадени.
УНИЦЕФ соопшти дека над 15 милиони деца биле жртви на насилства во сегашните конфликтни зони – Ирак, Сирија, Газа, Украина, Јужен Судан и ЦАР.
Според хуманитарни организации десетици илјади деца биле принудувани да бидат војници или малтретирани од вооружени групи. На многу места е зголемен бројот на напади врз училишта и болници.
Во 50-дневната војна меѓу Израел и Хамас во Газа биле убиени 583 деца, а ранети над три илјади.
Во Ирак во оваа година најмалку 700 деца биле ранети или убиени. Граѓанската војна во Сирија погодила на различен начин над 7,3 милиони деца од кои 1,7 се бегалци. УНИЦЕФ соопшти дека 230 милиони деца во светот живеат во држави и региони на вооружени конфликти.