За две години екипите на ЕВН Македонија и полицијата откриле 2.010 кражби на електрична енергија во земјава. Од нив 1.831 се домаќинства, 170 мали бизнис корисници, пет јавни претпријатија и четири компании од категоријата индустрија. За сите се поднесени кривични пријави, дел од нив добија судска развршница, а дел чекаат на правосилни одлуки на судовите.
Годинава македонските судови изрекоа вкупно 280 пресуди на корисници кои краделе електрична енергија, од кои 250 се однесуваат на физички лица, а 30 на правни лица. Кривичното дело го сториле со директно поврзување на дистрибутивната мрежа пред мерниот уред, манипулација на броилото, се приклучиле на дистрибутивната мрежа без да добијат решение за енергетска согласност или самоволно се приклучиле после исклучување поради неплатени сметки.
Од овие 280 пресуди, девет се однесуваат на кражби на електрична енергија за кои корисниците ќе треба да заминат на издржување затворска казна во траење од една година.
– Само во првите 10 месеци од годинава се откриени 820 случаи на неовластено користење на електричната енергија. Најмногу се директни кражби, манипулации со броилата, а има и случаи на самоволно приклучување, велат од ЕВН Македонија.
Оттаму посочуваат дека најмногу од откриените кражби 211 се во Скопје од кои само во западниот дел на градот во реонот што го покрива Корисничкиот енерго центар Ѓорче Петров се откриени 118. На листата на градови со најмногу фатени кражби годинава се наоѓа Струмица 143, потоа Прилеп 83, Тетово 73, а во Кратово, Кочани, Кичево, Битола се откриени десетина случаи. Над 12,5 милиони киловат часови електрична енергија украле крадците, а штетата во пари изнесува над 1,5 милони евра.