Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) денеска ја поддржа одлуката на Фондот за здравствено осигурување за избраниот модел за исплата на породилни отсуства и боледувања.
Избраниот модел, според ССК, ќе биде корисен и за граѓаните и за компаниите.
– На работниот состанок во октомври годинава, на кој ФЗОМ одржа презентација на проектот „Побрза исплата на породилните надоместоци и боледување“, компаниите членови на ССК, го поддржаа проектот и новините кои од технички аспект ќе ја подобрат и олеснат работата на компаниите. Со намалување на административните процедури и документација, која во најголем дел се предвидува да биде електронска, ќе се заштеди време и ќе се постигне крајната цел на проектот – задоволни граѓани, изјави претседателката на Комората, Данела Арсовска.