Спомен плоча посветена на шест загинати и тројца преживеани американски пилоти, но и за несебичната помош што жителите на тетовското село Вратница им ја укажале на американските пилоти денеска беше свечено откриена на гробиштата во Вратница од страна на амбасадорот на САД Пол Волерс и министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Спомен плочата е потсетник на настанот од 26 август 1944 година кога американски бомбардер Либератор B-24G, наречен Наша Љубов на враќање од мисија во Романија каде бил погоден од противвоздушната одбрана паднал на падините на Шар Планина над Вратница на три часа одење од селото. Жителите на Вратница тогаш веднаш се упатиле на местото од падот и им помогнале на преживеаните тројца кои веднаш потоа биле заробени од окупаторскта бугарска полиција додека селаните ги погребале телата и остатоците од шесте загинати Американци покрај црквата на гробиштата. По ослободувањето членовите на нивните семејства дошле во Вратници ги есхумирале телата и ги пренеле во САД.
– САД ќе им бидат вечно благодарни на жителите на Вратница за погребувањето на загинатите млади американски пилоти и за несебичната помош што во тие тешки воени времиња им ја укажале на преживеаните од падот на авионот. Тие никогаш не ги заборавија загинатите и секогаш имаа добри зборови за преживеаните пилоти. На еден ден пред американскиот празник Ден на Благодарноста ние го одбележуваме сеќавањето за загинатите животи во борбата за слобода и искреното пријателство помеѓу Македонија и САД, Во 1944 година САД и Вратница беа блиски сојузници а 2014 година САД и Мкаедонија се уште поблиски во заедничката борба за слобода, изјави амбасадорот Волерс.
Министерот Јолевски потенцира дека загинатите млади пилоти од САД кон крајот на Втората светска војна и несебичната помош на жителите на Вратница е значаеен гест што треба да се почитува.
– Ова е и еден од најсветлите моменти од нашата заедничка соработка во услови на војна кога САД загубија шест млади војници, а Македонија храбри сојузници во заедничката борба што ја водевме. Се надевам дека ова спомен обележје ќе биде утеха на семејствата чиишто блиски загинаа во борба за слобода и мир далеку од дома, рече министерот Јолевски.